Србија планира визи за држави од каде се злоупотребува визната политика / Photo: AA

Претседателот на Србија Александар Вучиќ се состана со комесарката на Европската унија за внатрешни работи и миграции Илва Јохансон со којa разговараше за нерегуларните миграции, соработката со институциите на ЕУ во поглед на усогласувањето на визниот режим, борбата против организираниот криминал, но и за продолжувањето на дијалогот со Приштина, статусот на пристапните преговори на Србија и реформските процеси, соопштено е од кабинетот на Вучиќ.

Вучиќ изрази благодарност за помошта на ЕУ во управувањето со миграциите, како и за тоа што, како што се наведува во соопштението, се препознаваат и се признаваат напорите на Србија за регулирање на мигрантската криза, „бидејќи Србија сериозно и одговорно го прифати својот дел од обврските од самиот почеток, што во голема мера придонесе за општата безбедност на ЕУ и нејзините граѓани“.

Вучиќ истакна дека Србија продолжува активно да работи на процесот на усогласување на визната политика со ЕУ и дека во оваа смисла, покрај примената на дополнителни мерки, се планира и „воведување визен режим за оние земји од кои регистрирани се најголем број злоупотреби.“

Се наведува дека Вучиќ истакнал оти очекува „ЕУ во наредниот период да ја третира безбедноста на Србите на Косово како приоритет во наредниот период, како и за оваа тема да се разговара на сите наредни средби во рамките на дијалогот со Приштина, вклучително пред се, итно формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.“

Тој повтори дека полноправно членство на Србија во ЕУ останува еден од надворешно-политичките приоритети и стратешката определба.

„Комесарката Јохансон порача дека Србија се покажа како близок, доверлив и одговорен партнер на Унијата во решавање на проблем со миграциите, како и дека за ЕУ од голема важност е да продолжи да силно да ги поддржува евроинтеграциите на Србија со која сака уште потесна соработка во сите области од значење и взаемен интерес“, се наведува во соопштението.

TRT Balkan / агенции
Популарни