Амбасадорот на САД во Косово, Ховениер изјави дека владите на земјите од Квинта, во консултација со НАТО, не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот / Photo: AA

Околу 600 граѓани од српска националност од Северна Митровица денеска се собраа на мирен протест против најавата на Владата на Косово дека ќе го отвори за сообраќај главниот мост на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северен дел со мнозинство српско население и јужен дел со мнозинско албанско население.

Граѓаните собрани на плоштадот кај мостот од северната страна, кои беа помалку видливи отколку на претходните протести, носеа транспаренти на кои пишуваше „На мостот браневме опстанок, сега браниме исчезнување“, „Бараме од КФОР да не заштити“, Додека ЕУ и САД пишуваат изјави, не протеруваат“... Се вееја и знамињата на државата Србија.

Еден од говорниците беше Никола Кабашиќ, познат судија од Северна Митровица, кој во име на своите сограѓани истакна дека се против најавеното пуштање во сообраќај на мостот Ибар, бидејќи не се чувствуваат безбедно.

„Ние не се согласуваме, како што тврдат политичарите од Приштина, исклучиво од една партија и како што тврдат истрошените политичари и градоначалници од југот. Тоа не е во наш интерес, не се чувствуваме безбедни. Како може да се отвори мост и да се зборува за интеракција и меѓусебно помирување меѓу граѓаните, а нас никој не не помирува. Овде живееме заедно, пешачиме на југ, тие доаѓаат на север, поминуваат велосипедисти, поминуваат граѓани, полиција, тие се таму во нашите аптеки и продавници, а нашите луѓе се на југ. Постои слобода на движење“, рече Кабашиќ.

Сите говорници беа цивили. Никој од политичките претставници на косовските Срби, иако беа на протестот, не се обрати пред присутните.

Протестот кој заврши мирно се одржа со засилено присуство на косовската полиција. Последните денови актуелно е прашањето за отворање на мостот.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свецла, кој вчера го посети мостот на реката Ибар, изјави дека мостот ќе биде пуштен во употреба.

„Кога ќе се отвори, тоа е работа која ја оценуваат експертите“, рече Свецла.

По минатонеделната средба на премиерот на Косово, Албин Курти, со амбасадорите на земјите од Квинта и амбасадорот на Европската унија во Косово, Владата на Косово соопшти дека консултациите и координациите продолжуваат, но дека мостот мора да се отвори.

Беше наведено дека прво ќе се тестира инфраструктурната стабилност на мостот, проценка на ризикот и ризиците од природни катастрофи, разговори со граѓаните и групите на интерес, како и сеопфатна информативна кампања за придобивките и целите од отворањето на мостот.

По тој состанок, амбасадорот на САД во Косово, Џефри Ховениер изјави дека владите на земјите од Квинта, во консултација со НАТО, во овој момент не можат да поддржат каква било промена на сегашниот статус на мостот во Митровица.

На северната страна на мостот постојано се стационирани патроли на припадници на италијанскиот КФОР со неколку џипови, додека на јужната страна на мостот патрола на косовската полиција.

Одлуката за отворање на мостот за сообраќај беше изгласана од новото свикување на Собранието на општина Северна Митровица на крајот на април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции.

Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој беше потпишан во 2015 година.

Мостот на Ибар е затворен за сообраќај од крајот на војната во Косово во 1999 година и може да се помине само пеш.

Мостот често беше место на конфликт меѓу Србите и Албанците.

AA
Популарни