Средба Вучиќ-Курти во Брисел: Договорено да продолжат разговорите / Photo: Josep Borell/Social media

Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти се состана денес на покана на високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Џозеп Борел во рамките на дијалогот на Приштина и Белград во Брисел.

По завршувањето на состанокот, Вучиќ во изјава за медиумите рече дека во Брисел денес бил, како што рече, вообичаено тежок состанок.

„Имавме тежок состанок и верувам дека ќе биде уште многу состаноци во наредниот период. На осумнаесетти (март) би требало да се видиме на територијата на Северна Македонија кога господинот Борел би требало да биде во посета на регионот“, рече Вучиќ и додаде:

„Јас, се разбира, инсистирав на Заедницата на српските општини, тоа се подразбира. Мислам дека господинот Курти не беше спремен тоа да го прифати сега. Дали во иднина ќе биде, ќе видиме.“

Вучиќ нагласи дека се надева оти е можно да се постигнат компромиси, но дека се плаши, како што рече, „ дека можеме да останеме заглавени во нешто што одамна е потпишано и што одамна требаше да биде исполнето“.

„Важно е што разговаравме, добро е што разговаравме. Верувам дека ќе успееме да ги надминеме едностраните потези кои би ја загрозиле безбедноста на луѓето на терен. Се надевам и верувам дека ќе можеме да работиме на она што го нарековме имплементација на претходно постигнатите договори“, рече Вучиќ. На новинарско прашање дали е договорена мапата на патот, Вучиќ одговори дека на мапата на патот допрва треба да се работи.

„Но на почетокот на таа мапа на патот мора да го има она што некој не сака да го исполни, а тоа е суштината, тоа е Заедница на српските општини“, рече српскиот претседател.

Вучиќ додаде дека е „договорено разговорите да продолжат“.

„Како да биде договорено, кога ја имате како прва работа Заедницата на спрски општини. Кога ќе се договори Заедницата на српските општини тогаш се оди понатаму, така да тоа е логично. Како и да свртите, Заедницата на српски општини е на првото место“, порача Вучиќ.

Тој додаде на крајот дека целиот процес не оди така како што некои замислувале.

„Не оди, не оди така. Тоа е сериозен, долг, тежок и напорен процес, нема да биде лесен. Затоа ќе откажам дел од своите надворешнополитички обврски и патувања, за да би можел да се подготвам“, заклучи Вучиќ.

Курти: На добар пат сме да ги нормализираме односите Косово-Србија

Косовскиот премиер Албин Курти по средбата во Брисел изјави дека „се наоѓаме на добар и еднонасочен пат кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија за европско добрососедство“.

„Денеска имавме позитивна конструктивна средба во Брисел и оваа средба беше потврда дека европскиот предлог е прифатлив и непроменлив. Веќе кажав дека тоа е добра основа за понатамошни дискусии и специфична платформа за да се оди напред и сега одењето напред ќе биде планот за имплементација за кој ќе има дипломатија, но ќе има и следна средба на високо ниво некаде во средината на март, со посредство на господата Борел и Лајчак“, изјави Курти по средбата.

Меѓу другото, тој додаде дека вечерва бил подготвен да го потпише документот од европскиот план, но дека српската страна не прифатила.

Европскиот предлог, според шефот на дипломатијата на ЕУ, Џозеп Борел, ќе биде објавен наскоро.

TRT Balkan / агенции
Популарни