Стапки на самоубиства во регионот: Црна Гора со највисока, Албанија најниска / Photo: AA

Депресија, биполарно растројство, траума, насилство, социјални проблеми и злоупотреба на дроги и алкохол се дел од причините поради кои луѓето посегнуваат по своите животи.

Според статистичките податоци, на годишно ниво повеќе од 700.000 луѓе умираат поради самоубиство а нејчести начини на извршување на самоубиството се предозирање со апчиња, бесење и употреба на огнено оружје.

Податоците покажуваат и дека самоубиството е четврта водечка причина за смрт кај 15-29-годишниците а 77% од глобалните самоубиства се случуваат во земјите со низок и среден приход.

Оваа негативна појава не е изоставена и во земјите на Балканот.

Според достапните податоци од 2023 година, Црна Гора го држи 20-тото место на листата на земји во светот во кои најмногу се извршуваат убиства. Во Црна Гора вкупно 16.2 лица извршиле самоубиство на секои 100.000 жители. Во најголем број од случаите жртвите биле мажи.

Во Хрватска 11 од секои 100.000 жители одлучиле да извршат самоубиство, па така Хрватска го држи 60-тото место на листата. Според статистиката стапка на самоубиства е поголема кај мажите.

На 89-тото место на листата се наоѓа Босна и Херцеговина. Бројките покажуваат дека 8.3 лица од секои 100.000 жители одлучиле да стават крај на својот живот со самоубиство.

Во Србија 7.9 од секои 100.000 жители одлучиле да извршат самоубиство. Со овие податоци Србија го држи 100-тото место на листата.

Веднаш после Србија, односно на 112-тото место се наоѓа и Северна Македонија. Според достапните податоци 7.2 лица од секои 100.000 жители одлучиле да стават крај на својот живот со самоубиство. Во Северна Македонија стапката на самоубиства е поголема кај мажите.

На 153-тото место на листата се наоѓа Албанија. Достапните податоци покажуваат дека 3.7 лица од секои 100.000 жители одлучиле да стават крај на својот живот со самоубиство.

Според психолозите факторите кои се пресудни за самоубиство можат да бидат различни и да варираат во зависност од поединечната ситуација. Некои од најсилно влијателните фактори вклучуваат: Недостаток на социјална поддршка, интензивна емоционална болка, или пак прекин на социјални односи или загуба на значајна личност.

„Кога луѓето се соочуваат со тешки емоции како што се безнадежност, одбиеност, и огорченост, кога се изолирани и немаат социјална поддршка, кога ќе загубат некој близок, може да се случи да помислат дека самоубиството им е единствен излез од нивната болка.“ - вели во изјава за ТРТ Балкан лиценцираниот психолог Стефан Стојановски.

Според Стојановски за превенција на самоубиство постојат некои клучни пристапи кои можат да помогнат во намалувањето на ризикот.

„Многу е важна свесноста и грижата за менталното здравје, бидејќи тоа може да помогне во разбирање на симптомите, како и во превземање навремено на акции за превенција. Важно е и осигурувањето на достапна и квалитетна ментално здравствена помош. Ова вклучува психотерапија, медикаментозно лекување и други видови на интервенции.“- изјави Стефан и додаде дека во такви ситуации важна е и поддршката од заедницата и најблиските.

Зголемените стапки на самоубиство, не само на Балканот туку и во цел свет се доволен показател дека потребна е поголема грижа за менталното здравје но и обрнување на поголемо внимание на тоа како луѓето што ги познаваме и ги сакаме се справуваат со животот.

TRT Balkan
Популарни