Од први јануари цената на струјата минимално се зголемува, па просечната цена на струја за домаќинствата ќе се зголеми за 0.92% соопштија денеска од Регулаторната комисија за енергетика.
Според новите цени, на домаќинство што месечно има сметка за електрична енергија од 2.300 денари од 1 јануари следната година трошокот ќе му биде зголемен за 21 денар.
Граѓаните кои со потрошувачка на струја влегуваат во првиот блок ќе имаат повисоки сметки за 0.68%, во вториот блок зголемувањето изнесува 0,9%, во третиот 1,93%, во четвртиот 2,24%, а евтината тарифа поскапува за 0,9%.
„За првпат донесевме одлука во која е искористен контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум достави одлука на контрола и на разгледување во Регулаторната комисија и согласно нивното барање цената на домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики во однос на количините на електрична енергија, трошоците за набавка, за пренос. Единствената разлика што постои меѓу тоа што ние сега го одобривме и тоа што ЕВН го достави е во однос на факторот на корекција што за да обезбедуваме ценовна стабилност и цени што речиси ќе немаат никакво или ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
ЕСМ на ЕВН ХОУМ магавт час од нова година ќе го продава по цена од 62 евра, што е далеку од релната производствена цена која изнесува некаде околу 136 евра за мегават.
Бислимоски потсети дека со претходната одлука РКЕ ја намалило цената на мрежарината пред се во делот на дистрибуција и тоа овозможило во носењето на сегашната одлука да имаат покомотна позиција.
Со новата одлука, како што рече, на универзалниот снабдувач, кон кого долгот изнесува околу 870 милиони денари, му се враќаат 65 милиони денари и дополнително му се враќаат уште 132 милиони денари од повеќе остварен приход.
Очекувањата на Бислимоски се дека за шест до седум години долгот кон универзалниот снабдувач ќе биде целосно порамнет.