Сувите пристаништа во Приштина и Струга, нивната важност и функција      / Photo: Edi Rama/Facebook

Суво пристаниште е внатрешен терминал директно поврзан по пат или железница со морско пристаниште, кој функционира како центар за транспорт на морски товар до внатрешните дестинации. Станува збор за голем простор со капацитет за масовно складирање на стоки кои доаѓаат од море, како и нивно царинење. Сувите пристаништа се сметаат и за рентабилен канал за дистрибуција помеѓу морските пристаништа и железницата. Целиот процес станува поефикасен, благодарение на оваа врска што постои во синџирот на снабдување. Складирањето на контејнерите со стока е едноставно и брзо, што овозможува стоката побрзо да стигне до крајните дестинации, по пониска цена.

Една од предностите на поседување суви пристаништа е нивната способност да ги ублажат проблемите околу складирањето и царината кои често ги оптеретуваат морските пристаништа. Пристаништата лоцирани покрај морето имаат ограничен простор, кој често е недоволен поради големите количини стоки што пристигнуваат на пристаништето.

Повеќе компании се натпреваруваат за користење на овие овој лимитиран пристанишен простор, со шо ги зголемуваат вкупните трошоци за транспорт. Сувите пристаништа се наменети да го елиминираат овој проблем.

Албанија гради големо и модерно пристаниште во Драч, кое ќе служи како главна транспортна точка за Западен Балкан. На заедничките седници на Владата на Албанија со владите на Косово и Северна Македонија беа договорени иницијативите за формирање на две суви пристаништа, во Приштина и Струга, кои ќе бидат поврзани со пристаништето во Драч.

Сувото пристаниште во Приштина

Косовските власти информираат дека сувото пристаниште во Приштина, договорено со Владата на Албанија, ќе се гради во близина на главниот град. Оддалеченоста од Порто Романо, пристаништето во Драч, изнесува околу 265 километри, а целта е овие две точки да бидат поврзани со модерна железница.

Косово има намера сувото пристаниште да го трансформира во мултимодално пристаниште, поврзувајќи го со товарниот терминал на аеродромот во Приштина и меѓународните автопати и железници.

Експертите предвидуваат дека изградбата на ова пристаниште ќе даде важен поттик за економијата, придонесувајќи директно и индиректно за растот на БДП на државата.

Во моментов се вршат физибилити анализи и нема очекуван датум кога ќе биде готово Сувото пристаниште во Приштина, ниту пак податоци колку вкупно ќе чини неговата изградба.

Сувото пристаниште во Струга

Слично како за сувото пристаниште во Приштина, Владата на Албанија исто така се договори со Владата на Северна Македонија за проектот за суво пристаниште во Струга.

За овој проект веќе е започната процедура за физибилити студија која се очекува да биде готова во рок од 3 месеци.

Општина Струга неделава додели 60 хектари државно земјиште за изградба на пристаништето на излезот од градот, на патот Струга-Дебар.

Струшкото пристаниште се очекува да придонесе за значителен економски поттик за Северна Македонија, а за бизнисмените да овозможи намалување на времето поминато во транспорт, како и намалување на транспортните трошоци.

Сувите пристаништа во Приштина и Струга се очекува да ги гради холандската компанија која ја презеде изградбата на Порто Романо во Драч.

Новото и модерно пристаниште во Драч ја помина собраниската процедура и се очекува изградбата да започне во 2023 година. Според проектот, се работи за површина поголема од 812 илјади метри квадратни.

TRT Balkan
Популарни