Новинарите во регионот се уште не се ослободени од закани и притисоци / Photo: AA

Закани, напади, загрозена независност, политички притисоци, немање заштита при работа, поделба по етничка линија. Со ова се соочуваат новинарите во земјите од Западен Балкан, се констатира во најновите извештаи на „Репортери без граници” за 2023 година.

Иако за дел од државите извештаите се генерално позитивни и се забележува драстичен напредок во слободата на медиумите сепак нотирани се разни аномалии на општествениот амбиент кои треба да се корегираат за медиумските работници да можат својата работа да ја извршуваат непречено.

Недостаток на професионализам во Северна Македонија

Северна Македонија во глобалниот индекс на слобода на медиумите е рангирана на 38 место и бележи скок од 19 места во однос на 2022 година кога беше рангирана на 57 место. Констатирано е дека е дозволено слободно и критичко новинарство, но и дека постојат закани и притисоци кон новинарите како и политичко и бизнис влијание.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите”, се вели во извештајот.

Се истакнува дека мора да се направи разлика од професионални онлајн редакции со професионални новинари кои објавуваат оригинална содржина до портали кои објавуваат содржини со копи-пејст и плагијати.

Политичко мешање во Црна Гора

Црна Гора бележи најголем напредок меѓу земјите од Западен Балкан од 24 места. Од 63 место на кое била позиционирана во 2022 до 39 на кое се наоѓа сега. За оваа држава се вели дека Уставот и законите гарантираат слобода на говор и изразување, но слободата на печатот и понатаму е загрозена од политичко мешање, неказнети напади врз новинари и економски притисоци. Констатиран е голем број на медиуми и покрај малото население. Државата ги делела средствата на лојални медиуми.

Новинарите цел на политички напади во Косово

Косово е рангирано на 56 позиција. „Репортери без граници” утврдиле дека Косово има плурален и живописен медиумски пазар. Но и покрај тоа неговиот развој е ограничен поради малата големина и строгата поделба по етничка линија. Независноста на медиумите е загрозена од лошата регулатива и зависноста од партиска распределба на јавните средства. Новинарите се цел на политички напади, а приватните медиуми се мета на притисоци.

Новинарите не се чувствуваат заштитени во БиХ

Босна и Херцеговина на глобалниот индекс на слободни медиуми бележи скок од три позиции од 67 на 64 место. За оваа земја во извештајот се вели дека медиумите работат во релативно поволна правна средина, но во крајно неповолно политичко и економско милје. Постојат големи разлики во слободата на медиумите и квалитетот на новинарството низ целата земја. Медиумите се зависни од политичките и економските центри на моќ, а новинарите не се чувствуваат заштитени од полицијата да ја вршат својата работа.

Политички притисоци и неказнивост во Србија

Србија има најголем пад во рангирањето за слободата на медиумите. Од 79 место на кое била рангирана минатата година оваа земја сега се наоѓа на 91 место. Во извештајот се посочува дека наградуваното, квалитетно новинарство, кое го истражува криминалот и корупцијата, е заглавено меѓу неконтролираното лажни вести и пропаганда. Правната рамка е солидна, но на новинарите им се закануваат политички притисоци и неказнивост на злосторствата извршени против нив.

Загрозена уредувачка независност во Албанија

Албанија е најслабо позиционирана држава од земјите на Западен Балкан. Таа се наоѓа на 96 место иако во однос на минатата година кога беше 103 бележи скок од седум места. Глобалниот индекс во оваа земја констатирал дека уредувачката независност е загрозена од партиските прописи и дека новинарите се жртви на организиран криминал, а понекогаш и на полициско насилство.

TRT Balkan
Популарни