Тања Фајон: Косово да направи напори за нормализација на односите со Србија / Photo: AA

Потпретседателката на Владата и министерската за надворешни работи на Словенија Тања Фајон по состанокот со својата косовска колешка Доника Гервала, изјави дека Косово треба да направи напори за нормализација на односите со Србија, преку дијалог со кој посредува Европската унија.

На заедничката прес-конференција по состанокот со Гервала, Фајон рече дека на Европската унија и е потребен силен Западен Балкан и силно Косово, за да се избегнат безбедносните ризици.

Таа истакна дека Словенија во потполност го поддржува процесот на дијалог помеѓу Косово и Србија и дека секоја нова кризна ситуација би требала да се избегне по секоја цена.

„Повторив дека Косово треба да ги направи сите напори да ги нормализираат односите, дека не би требало да дојде до ескалација на ситуацијата на северот на Косово така што ќе започнат преговорите на кои ќе се разговара за спонзорираниот предлог на ЕУ кој е на маса за потполна нормализација на односите на Косово и Србија“, нагласи Фајон.

Таа додаде дека вонредните локални избори во април во северниот дел на Косово со мнозинско српско население, мораат да бидат чесни и слободни.

Фајон, која беше известувач на Европскиот парламент за визниот режим за Косово, честиташе на „заедничкиот успех да се стигне до либерализација на визи за косовските граѓани“.

Таа нагласи дека Словенија е пријател на Косово и дека треба да соработува со Косово во многу различни области како што се енергетските ресурси, водата и управувањето со отпад, а деловното опкружување на Косово треба да биде безбедно и јасно кон странските инвеститори.

Косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора Доника Гервала рече дека Словенија беше исклучителен заговорник за вклучување на регионот на Западен Балкан во ЕУ. Таа наведе дека Словенија постојано врши притисок врз ЕУ, да направи се повеќе за овој регион.

Според неа, руската агресија врз Украина ја претвора војната во оружје на хегемонистичка политика.

„Нашиот регион е во опасна фаза на европската историја, мораме да се соочиме со оваа нова реалност, бидејќи нереагирањето на тоа само уште ќе ја направи нашата состојба посериозна. Словенија исто така е членка на НАТО, Косово исто така доследно не ја криеше желбата што поскоро да стане членка на НАТО како желба која Косово би го приближила кон земјите со кои ги дели своите вредности“, истакна Гервала.

Таа рече дека Србија, „како најблизок сојузник и претставник на Русија во регионот“ му се заканува на регионот на Западен Балкан со војна и дека е потребен заеднички и единствен одговор за да тие стратегии се спречат.

Покрај тоа, Гервала рече дека со Фајон разговарала и за економската соработка, словенечките инвестиции во КОсово, како и за косовската дијаспора во Словенија, како најдобар мост на односи на двете земји.

Тања Фајон ќе ја прими и претседателката на Косово Вјоса Османи и претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца.

TRT Balkan / агенции
Популарни