Вархеи рече дека процесот на интеграција значи дека економиите и општеството на Западен Балкан се интегрирани во Европската Унија / Photo: AA

Регионалниот самит за Планот за раст и конвергенција се одржува во главниот град на Албанија, Тирана, со фокус на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија (ЕУ), како и спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, како домаќин на Самитот, ги прими лидерите и другите официјални претставници во Конгресната палата во Тирана, меѓу кои и премиерот на Северна Македонија, Талат Џафери, претседавачката со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, комесарот на Европската Унија за проширување и политика за соседство, Оливер Вархеи и претставници на различни меѓународни институции и организации.

Како што изјави премиерот на Албанија, на Самитот предвидено е обраќање преку видеопорака на премиерот на Косово, Албин Курти.

Рама во својот говор на отворањето на Самитот рече дека денешниот собир е во насока на продлабочување на соработката на истомислениците што сакаат да влезат во ЕУ. Тој рече дека Албанија влегла во нова фаза на патот кон членство во ЕУ.

„Интензивно, со нова брзина, ги преземаме неопходните домашни задачи, кои се толку многубројни, го усвојуваме правниот корпус на ЕУ, продлабочување на реформите во сите правци и зголемување на нашата борба против корупцијата и организираниот криминал на сите нивоа“, рече Рама.

Рама посочи на одлучноста за унапредување на односите во регионот преку унапредување на мирот, дијалогот и соработката меѓу земјите од Западен Балкан.

Комесарот Вархеи на отворањето на Самитот рече дека процесот на интеграција значи дека економиите и општеството на Западен Балкан се интегрирани во Европската Унија и дека тоа значи дека ЕУ треба да ги понуди сите придобивки што ги носи овој процес.

„Имаме целосна доверба во сите земји од Западен Балкан дека ќе можат да извлечат корист од овој план и придобивките што ги носи овој план, кој има можност да придонесе за удвојување на економиите на земјите од Западен Балкан во следните 10 години. За да продолжиме напред, потребно ни е регионот брзо да оди напред, а тоа значи да се постигнат резултати за реформите што всушност го прават овој план функционален“, рече Вархеи и додаде дека планот ќе функционира доколку земјите ги применат правилата на Европската Унија.

Самитот ќе обезбеди и можности за размена на мислења за европската иднина на регионот и заедничките регионални предизвици. Планот на ЕУ за Западен Балкан има цел економски раст на регионот, забрзување на соодветни реформи и инвестиции што можат да го унапредат процесот на проширување на ЕУ со овие земји.

AA
Популарни