Министерот за надворешни работи на Туркије (Турција), Мевлут Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, дадоа заедничка изјава по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије.
Во заедничката изјава на министрите се наведува дека денеска, 26 август 2022 година, Северна Македонија и Туркије ја прославуваат 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи.
„Длабоко вкоренетите историски, културни и човечки врски на нашите народи ги прават нашите односи исклучителни. Нашите односи, базирани на цврсти основи, продолжуваат да се развиваат во сите области. Ќе ја зајакнеме нашата соработка со разбирање кое води сметка за стабилноста, просперитетот и напредокот на Балканот, чиј дел сме и ние“, се нагласува во заедничката писмена изјава.
Се додава дека во наредниот период двете земји ќе продолжат да придонесуваат за развој на регионалната соработка во областите како што се трговијата, инвестициите, енергетиката, транспортот, културата и образованието.
Исто така, се нагласува дека како сојузници во НАТО, двете земји ќе ги зајакнат заедничките напори за соочување со предизвиците на регионалната и меѓународната безбедност и ќе дејствуваат во солидарност против сите форми на тероризам.
„Македонската турска заедница, која е еден од народите основачи на Северна Македонија, и луѓето во Туркије кои имаат корени од Северна Македонија, создаваат уникатен мост на пријателство и соработка. Ќе продолжиме да ги користиме предностите обезбедени преку нашите заеднички проекти во различни области и високо го цениме придонесот на граѓаните на Северна Македонија и Туркије кои живеат во Туркије, односно Северна Македонија, во развојот на билатералните односи“, се нагласува во заедничката изјава на министрите Чавушоглу и Османи.
Истакнувајќи дека двете земји гледаат заедничка иднина и во регионот на Европската Унија, се додава дека во овој контекст се поздравува одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отпочнување на пристапни преговори со Република Северна Македонија.
„Одлучни сме да ги зајакнеме сегашните одлични односи помеѓу Северна Македонија и Туркије и да им донесеме нова димензија, да ги унапредуваме за доброто на нашите два народи и нашите партнери“, се потенцира во заедничката изјава.