Амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, изјави дека од Северна Македонија е побарана екстрадиција и депортација на околу 80 члена на терористичка организација ФЕТО.
Секизќок одржа прес-конференција во амбасадорската резиденција на Република Туркије во Скопје, при што потсети дека 15 јули се доживува како ден на демократијата и националното единство во Туркије. Амбасадорот Секизќок рече дека на 15 јули 2016 година се случил обид за државен удар, каков што не се памети во светската историја.
„Важно е да не се заборави 15 јули“
Зборувајќи дека обидот за државен удар беше неуспешен благодарение на водството на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган и решителниот став на безбедносните сили и на турскиот народ, амбасадорот Секизќок истакна дека е важно да не се заборави овој обид за пуч.
Посочувајќи дека ФЕТО е терористичка организација од новата генерација, која води стратегија за инфилтрирање во државните институции со цел освојување и заземање на државата однатре, амбасадорот Секизќок истакна дека сето тоа организацијата го прави скриена зад маската на образованието и услугите.
Секизќок додаде дека младите кои ФЕТО ги злоупотребува за свои потреби, ги поставува во владини институции, и преку образованието и медиумските институции, како и преку банкарскиот сектор и трговските претпријатија кои дејствуваат на економски план, во Туркије и во други земји ги користат како параван за структуирање на организацијата.
„Борбата против ФЕТО е приоритет“
Турскиот амбасадор Сеизќок истакна дека борбата против ФЕТО во земјата и во странство е меѓу приоритетите на турската држава во изминатите шест години.
Сторителите на обидот за пуч на 15 јули во Туркије се изведени пред лицето на правдата. Организациската структура на ФЕТО во државните институции е дешифрирана. Покрај во државните институции, укинати се и параванските структури на ФЕТО надвор од нив, кои го покриваа образованието, медиумите и економскиот живот. ФЕТО, по елиминацијата на нејзината структура во Туркије, премина во измена на својата стратегија. Започна да се фокусира на своите активности во странство. Затоа, борбата против надворешното структурирање на ФЕТО е меѓу приоритетните точки во агендата на Туркије“, нагласи Секизќок.
„ФЕТО е безбедносна закана за секоја земја во која дејствува“
Тој изјави дека на своите соговорници им кажале дека ФЕТО претставува безбедносна закана и за другите земји во кои дејствува.
„Во функција се ставени и судските процеси поврзани со членовите на ФЕТО во странство. Нашите барања за депортација и екстрадиција на овие лица во рамките на истрагите отворени во Туркије беа пренесени до релевантните земји. Исто така, продолжуваат активностите за замрзнување на имотот на поединци и организации кои ѝ обезбедуваат финансиска поддршка на организацијата. Продолжуваат нашите обиди да ги затвориме образовните институции поврзани со ФЕТО во странство и тие да бидат префрлени на раководење од страна на Турската фондација „Маариф“. Имаме позитивни резултати од овие напори“, рече Секизќок, додавајќи дека се откриени се незаконски дејствија на организациите на ФЕТО во различни земји.
„Почна да се открива дека ФЕТО спроведува активности скриени под маската на образованието и хуманитарните акции. Прекинати се активностите на училиштата на ФЕТО во 45 земји. Покрај тоа, повеќе од 200 училишта во 20 земји се префрлени на раководење од страна на Турската фондација ‘Маариф’“, додаде Секизќок.
Посочувајќи дека Турската фондација „Маариф“ по 15 јули отвори училишта со високи образовни стандарди насекаде и притоа спаси голем број ученици од стапицата на ФЕТО, амбасадорот Секизќок рече дека и Северна Македонија е меѓу земјите во кои што Фондацијата „Маариф“ има отворено училишта.
„Очекуваме конкретни чекори од Северна Македонија во врска со ФЕТО“
Амбасадорот Секизќок истакна дека продолжува присуството на ФЕТО во Северна Македонија.
„Под маската на образовни институции работат три училишта поврзани со ФЕТО во Скопје, Тетово и Струга. Од Северна Македонија очекуваме да преземе конкретни чекори во врска со затворањето на овие училишта и депортација на лицата поврзани со ФЕТО во Туркије. Овие барања ги презентираме на највисоко ниво. Ќе го следиме ова прашање сѐ додека оваа терористичка организација целосно не се елиминира од Северна Македонија. Очекуваме сите земји да соработуваат во борбата против тероризмот во сите негови форми и манифестации.“
На прашањето дали има конкретен број луѓе што Туркије ги бара од Северна Македонија и каков е развојот во врска со ова прашање, Секизќок одговори:
„Ги имаме бројките. Можам да кажам, околу 80. Тоа е бројката на лица за кои бараме екстрадиција и депортација. За жал, нема напредок по ова прашање. Сепак, како што претходно напоменав, немањето напредок за нас не значи дека прашањето е затворено. Ќе продолжиме да го следиме. Мислам дека ова прашање во Северна Македонија дојде на дневен ред минатата година, а беше упатено и пратеничко прашање до Владата. Не можеме да кажеме дека добивме многу задоволителен одговор. На ова прашање ни беше даден писмен одговор, што не беше задоволителен.“
„Училиштата на ФЕТО да бидат затворени и префрлени на Фондацијата „Маариф“
Според амбасадорот Секизќок, ова прашање не се однесува само на барањето за екстрадиција и депортација, туку дека со исто толкава важност се и училиштата поврзани со ФЕТО кои дејствуваат во Северна Македонија.
„Станува збор за три училишта. Едно има во главниот град, а има и во Струга и во Тетово. Очекуваме да бидат затворени и што е можно поскоро, да ѝ бидат префрлени на Фондацијата „Маариф“ “, појасни Секизќок.
За тоа кога би можело да се случи затворањето на образовните центри на ФЕТО во Северна Македонија, Секизќок изјави дека од институциите во земјата очекува да преземат акција, дека интензивно го следат развојот на настаните и додаде дека отстранувањето на присуството на ФЕТО во Северна Македонија на дневен ред го ставил претседателот Ердоган за време на посетата на премиерот Димитар Ковачевски на Туркије пред околу еден месец.
На прашањето дали сите од 80-те барања за екстрадиција и депортација се однесуваат на лица поврзани со ФЕТО, Секизќок одговори дека сите се поединци поврзани со ФЕТО.