Турскиот министер за земјоделство и шумарство, Ибрахим Јумакли, изјави дека два авиони „Ер трактор“ и еден хеликоптер се испратени да интервенираат во гаснењето на шумските пожари во Грција.
Јумакли на социјалните мрежи се огласи за шумскиот пожар во соседна Грција.
Тој истакна дека турската Влада одлучила да испрати авиони за да помогне во гаснењето на пожарите во Грција.
„Нашите два авиони и еден хеликоптер полетаа утринава за да интервенираат во гаснењето на шумскиот пожар во Грција. Им посакувам среќа на нашите колеги кои работат под мотото „Шумите се заедничко светско наследство“. Би сакал во оваа прилика исто така да упатам и најдобри желби до нашиот сосед Грција“, изјави турскиот министер.
Пожарите во Грција, што се проширија во предградијата на Атина, предизвикаа смрт на едно лице. Станува збор за жена која починала во продавница во населбата Врилисија, северно од главниот град Атина. Неколку илјади луѓе беа евакуирани.
Пожарот го гаснат повеќе од 700 пожарникари со 199 возила и 35 авиони и хеликоптери.
Според Ватракогијанис, на двајца пожарникари им била укажана помош поради изгореници.
Првиот пожар избувна во неделата попладне на околу 35 километри северно од Атина, а вчера избувна на 40 различни локации. На некои места пламените јазици биле високи и до 25 метри.
Жителите на Атина почнаа да носат маски за да се заштитат од чадот што беше внесен во градот. Авионите морале да престанат со работа синоќа, но на терен гаснењето на пожарот продолжило и ноќе.
Сателитските снимки од Грчката национална опсерваторија покажаа дека пожарот веќе зафатил околу 405 квадратни километри територија.
Условите на терен сѐ уште се исклучително тешки, а работата на пожарникарите особено ја отежнува силниот ветер и сушата.
Поради тоа Грција вчера побара помош од Европската Унија. Со ова веќе е активиран механизмот во областа на цивилната заштита во кој Италија, Франција, Чешка, Србија, Туркије и Романија ќе ѝ помагаат на Грција во гаснењето на пожарите со противпожарни возила, камиони и хеликоптери, како и со авиони.