Радикалната реторика на претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска (РС), Милорад Додик, го оживеа стравот од политички превирања во Босна и Херцеговина (БиХ), предупреди министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ.
Турковиќ во интервју за Агенција Анадолија (АА) за време на официјалната посета на Анкара зборуваше за односите меѓу Туркије и БиХ, кандидатурата на БиХ за членство во Европската Унија, евроатлантските интеграции и неодамнешното одбележување на 9 јануари, Денот на РС, кој Уставниот суд на Босна и Херцеговина го прогласи за неуставен.
Таа посочи дека во периодот на обидот за формирање нова влада, лидерот на помалиот босанскохерцеговски ентитет, Додик, покажува радикални ставови.
„Сиве овие знаци во реториката покажуваат дека тој не се менува и дека, всушност, станува сѐ порадикален и што и да се обидеме, каква и отстапка да му се даде, тој не ја почитува. Тој сака повеќе“, рече Турковиќ.
Критикувајќи го недостигот на сериозен одговор од меѓународната заедница за оваа ситуација, Турковиќ рече:
„Сите ние говориме за еднаквост, за заштита на човековите права, но кога ќе погледнете што се случува, тоа се само зборови. Недостига реакција. И тоа е многу опасно.“
Наведувајќи дека ситуацијата во Босна и Херцеговина е многу тешка, Турковиќ рече: „Влегуваме во многу опасен страв и колку повеќе го пуштате Додик да прави што сака, тој не го подобрува своето однесување, туку продолжува.“
Говорејќи за новиот состав на Советот на министри на БиХ на чело со Борјана Кришто и евроатлантскиот пат на БиХ, Турковиќ рече дека БиХ се наоѓа пред неизвесен период.
„Не знаеме што ќе се случи. Но, она што е очигледно во периодот пред формирањето на власта е дека тие не ја условуваат коалицијата со исполнување на обврските што произлегуваат од предусловите што доаѓаат со кандидатскиот статус, а исто така, гледам многу недоследности и во нивниот однос кон НАТО. Со оглед на ситуацијата што се случува, реални се шансите да имаат многу слаб пристап и доколку продолжат со таков пристап, нема да можат да го исполнат сето она што народот на Босна и Херцеговина го очекува од нив“, нагласи Турковиќ.
Кандидатски статус за членство во ЕУ
Кон средината на декември минатата година Босна и Херцеговина официјално доби статус на кандидат за членство во Европската Унија, што Турковиќ го смета за „многу важен чекор напред“ во поновата историја на земјата.
Изразувајќи благодарност до сите земји кои придонесоа за доделување кандидатскиот статус, Турковиќ истакна дека тоа е само почеток и дека Босна и Херцеговина има 14 предуслови кои треба да се исполнат.
„Се надевам дека новата Влада ќе работи напорно како и ние. Сигурна сум дека ќе постигнат резултати под услов навистина да вложат време и напор за да се обидат да нѐ доближат до Европската Унија“, додаде шефицата на дипломатијата на БиХ.
Одлични односи меѓу Анкара и Сараево
Турковиќ во разговорот се осврна и на односите меѓу Туркије и Босна и Херцеговина и оцени дека тие во последните 30 години се одлични.
„Односите меѓу двете земји се навистина одлични, особено во последниот период, за време на мандатот на турскиот министер Мевлут Чавушоглу и секако на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, рече Турковиќ, додавајќи дека турскиот претседател и министерот за надворешни работи придонеле многу за градење мир и стабилност во Западен Балкан, помагајќи не само на Босна и Херцеговина, туку и на сите други земји во регионот да се усогласат.
Таа истакна дека двете земји и нивните народи имаат заедничко минато, но и аспирации, додавајќи дека Туркије е членка на НАТО, а Босна и Херцеговина се стреми кон тоа членство.
Турковиќ додаде дека постојат многу елементи на кои двете земји можат да го засноваат пријателството и партнерството и дека „ако има една земја што ја разбира Босна и Херцеговина, треба да се знае дека тоа е Туркије.“