Турковиќ: Она што го нуди „Отворен Балкан“ се наоѓа во Берлинскиот процес / Photo: TRT Balkan

Заменичката на претседавачот на Советот на министри и министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ истакна дека не ја поддржува регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ од причина што, според неа, сето она што „Отворен Балкан“ го нуди како иницијатива се наоѓа во рамките на Берлинскиот процес со што се имплементирани многу решенија во однос на соработката на земјите од регионот.

Турковиќ ова го нагласи во интервју за ТРТ Балкан во текот на нејзината официјална посета на Северна Македонија во рамките на која се состана со министерот за надворешни работи Бујар Османи, со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Состаноците беа добри толку што ја зајакнуваат и онака добрите постоечки врски кои постојат помеѓу овие две земји и ги зацврстуваат. Јас имам исклучително добри односи со министерот (Османи). На маргините на различни форуми често се среќаваме, споделуваме мислења, споделуваме анализи кои ги имаме за регионот кој сега се наоѓа во една доста комлицирана состојба“, рече Туркоивќ.

Таа потенцираше и дека „самиот факт дека Северна Македонија стана претседавач со ОБСЕ, дава уште едно посебно значење на сите овие настани и на самата улога на Република Северна Македонија.“

Турковиќ за „Отворен Балкан“: Не треба да се дуплираат процесите

Во однос на иницијативите за регионална соработка во земјите во регионот меѓу кои е и иницијативата „Отворен Балкан“, Турковиќ вели дека нејзиниот став и ставот е дека „не треба да се дуплираат процесите и треба да се подржуваат оние процеси кои водат кон главната цел на земјите во регионот, а тоа е членството во Европската унија.“

„Ние не ја поддржуваме приказната за Отворен Балкан од проста причина затоа што сето она што Отворен Балкан го нуди се наоѓа во рамките на Берлинскиот процес кој понуди многу решенија кои веќе се имплементирани почнувајќи од патувања со лични карти, преку признавање дипломи, размена на експерти во неколку професии, вклучувајќи и медицинските професии, па до зелените коридори во минатиот мандат“, рече Турковиќ.

Меѓу другото, таа додаде и дека ЕУ нуди и финансиски дел за имплементација на целите од Берлинскиот процес, што не е случај со иницијативата „Отворен Балкан“.

„Од друга страна, она што се уште е присутно, не е ниту оваа последна војна така далеку, ниту борбата за доминација не е така далеку, различни борби и стремежи за афирмација на одредени луѓе па до појавување на одредени политички претензии на актерите кои се појавуваат како главни или како иницијатори на Отворен Балкан.Сето тоа помалку заплашува и дава еден вид стремеж за доминација, од што секако многу народи кои биле угнетени, кои страдале, кои страдале во геноцидот како луѓето во Босна и Херцеговина се плашат и имаат одредени стравови. Се прашувате што е тоа зад одредена идеја, дали тоа е навистина искрено или постојат некакви цели кои се покриени само со она што изгледа привлечно а всушност има една сосема друга тенденција“, смета Турковиќ.

Во врска со односите на Босна и Херцеговина и Косово, земја која се уште не е признаена од страна на БиХ, Турковиќ вели:

„За жал многу работи се прекршуваат преку Босна и Херцеговина, токму затоа што во БиХ се наоѓаат три конститутивни народи и секој од нив има право да инсистира на одредени политички решенија. Значи, секогаш сте вие жртва на нечии ставови или мора да ги усогласувате тие ставови. Ние сега сме во ситуација државјаните на Косово да не можат да влезат во Босна и Херцеговина без барање за издавање визи што ги отежнува не само економските контакти, туку и личните контакти. Ако имате некој кој ви е во болница или кој починал, не можете да дојдете на погреб без издавање визи, тоа се многу долги процеси се оди за Скопје или некој друг град па тоа се испраќа за Сараево, па многу рестриктивно се издаваат тие визи. Сето тоа го оневозможува нормалниот развој на односи на Западен Балкан и порано или подоцна тие работи ќе мора да се регулираат доколку воопшто сакаме да зборуваме за напредок и хармонизација на права на Западен Балкан.“

„Соочени сме со безбедносна закана“

Во однос на влијанието на војната на Русија во Украина врз безбедноста на Босна и Херцеговина и регионот, министерката Турковиќ вели дека безбедносната закана е веќе присутна.

„Мислам дека ние сме соочени со безбедносна закана, тоа не е никаква тајна. Ги имате веќе сега оние кои се определуваат за проруска страна кои преку манифестација на сила се обидуваат да загрозат, кои потсетуваат на сето она лошо што се случи во минатото и создаваат одредени стравови кај луѓето кои имаат и искуство на страдање“, изјави Турковиќ.

Во тој контекст, таа потсети на одбележувањето на 9 јануари - Денот на Република Српска, за кој истакна дека е неуставен празник според одлука на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

„Имавме манифестација на сила на граничниот дел на Сараево, или како го нарекуваат Источно Сараево, од транспортери, од забранети единици и поединци кои доаѓаат од Русија кои партиципираат,па до глорификација на злосторници или сторен криминал на тоа подрачје. Сето тоа укажува дека има импликации на војната, дека некои струи се чувствуваат посилни поради таа војна, дека не бегааат од закани, не бегаат од сецесионистички најави. Многу често се слушаат изјави за живот, во овој случај, на сите Срби во една држава. Тоа е реалноста на Балканот која ниту малку не смирува туку, би рекла, многу повеќе го вознемирува обичниот свет кој поминал низ пеколот на страдање“, нагласи Турковиќ.

„Туркије е стабилизирачки фактор на Западен Балкан“

За улогата на Туркије на Западен Балкан, шефицата на дипломатијата на БиХ потенцира дека улогата на Туркије е исклучително значајна на Западен Балкан.

„Таа е еден стабилизирачки фактор кога ќе дојде до политичките судири кои постојат на Западен Балкан и секако Туркије како една голема земја се обиде комплетната ситуација да ја стабилизира преку отворање на дијалогот. Меѓу другото, и преку Анталија форумот кој понуди еден форум во кој различни ставови можат да се изнесат и тие да се продискутираат и да се најде најмал заеднички именител, некоја компромисна формула за надминување на судирите. Она што можеби не е испочитувано од земјите учеснички на тој форум е динамиката која е понудена, ветувањата кои се дадени и ми се чини доколку се држеа до таа динамика резултатите ќе беа многу поголеми, но тоа не е до Република Туркије туку многу повеќе до учесниците кои едноставно не го испочитуваа она што го договорија“, изјави Турковиќ и додаде:

„Мислам дека улогата на Туркије е значајна, затоа што Туркије е една од земјите која е присутна на Балканот, а го разбира народот, го разбира менталитетот, има историска и културна конекција за разлика од некои други политички играчи кои всушност не го разбираат како менталитетот, така немаат ниту културни конекции и многу често со најдобра намера влегуваат во грешки, во погрешно планирање, во погрешно помагање и едноставно нивните проценки не се добри, не се адекватни, како што се гледа од резултатите на она што тие всушност не го постигнуваат.“

TRT Balkan
Популарни