Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, реагира на најавената посета на министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ и делегација од земјата по повод одбележувањето на неуставниот 9 Јануари како ден на Република Српска (РС), ентитет во рамките на Босна и Херцеговина.
„Почитуван министре Дачиќ, официјални претставници на Република Србија, во духот на добрососедските односи и градењето на европски и добри регионални односи, добре дојдовте во Босна и Херцеговина. Нашите односи треба и мора да ги градиме на заемно ценење и почитување. Дозволете ми во врска со најавената посета, Вас како министер за надворешни работи на Србија и делегацијата на Република Србија, да ве запознаам со фактот дека одбележувањето на т.н. Ден на РС на 9 Јануари е спротивно на одлуката на највисоката судска инстанца во Босна и Херцеговина - Уставниот суд на БиХ (Службен весник на Босна и Херцеговина, број 30/19). Неспроведувањето на одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина е кривично дело и организаторите на неуставното одбележување може да бидат предмет на судска постапка“, рече Турковиќ и додаде:
„Доаѓањето на високата делегација на Република Србија и соучеството во противуставни активности директно ги нарушува односите меѓу Босна и Херцеговина и Република Србија.“
„Одбележувањето на 9 Јануари како Ден на РС, како што е утврдено со одлуката на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, ја прекршува Европската конвенција за заштита на човековите права“, потсети Турковиќ во писмото до Дачиќ објавено на нејзиниот фејсбук-профил.
Турковиќ понатаму наведува дека „никој не го оспорува правото на ентитетите да ги слават своите празници кои се во согласност со Уставот или да ги пречекуваат функционерите на Република Србија во Босна и Херцеговина, но 9 Јануари, со одлука на судот, не може да се слави како Ден на Република Српска.“