Министерката за семејство и социјална заштита на Туркије, Махинур Оздемир Ѓокташ, денеска во Поточари, каде што присуствуваше на комеморацијата и последното испраќање на 30-те жртви од геноцидот во Сребреница, изјави дека нејзината земја е секогаш со жртвите и против насилниците.
Потсетувајќи дека геноцидот во Сребреница е една од најголемите трагедии на европско тло по Втората светска војна, Ѓокташ рече дека „Сребреница е раната на Европа која сè уште крвари“. „Денес се наоѓаме тука поради испраќање на 30 наши браќа, муслимани на Босна. Семејствата се уништени од болката, но им олеснува фактот барем да имаат мезари (гробни места) кои можат да ги посетат и за нив да се помолат. Туркије секогаш, секаде во светот е со жртвите, а против злосторниците и насилниците“, рече Ѓокташ, изјавувајќи дека жртвите од геноцидот се погребуваат и понатаму, 28 години по завршување на војната.
Нагласувајќи дека Туркије секогаш е со Босна и Херцеговина, Ѓокташ рече дека нејзината земја ќе продолжи со поддршката на целовитоста на БиХ и нејзиниот развој и мир и благосостојба. Таа потсети на зборовите на првиот претседател на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, дека „заборавен геноцид се повторува.“ Ѓокташ рече и дека поради тоа на секое место ќе работи на тоа геноцидот во Сребреница да не се заборави.
Заменик претседателот на турската Партија на правдата и развојот (АК Партија) Ефкан Ала изјави дека геноцидот во Сребреница е еден од најголемите масакри кои човештвото некогаш ги видело. Наведувајќи дека Туркије секогаш е со Босна и Херцеговина, Ала рече дека „сите заедно ја делиме истата судбина“.
„Ја чувствуваме оваа болка во длабочина на срцето. Затоа секојпат доаѓаме тука во знак на солидарност со нашите браќа. Јасно е дека тогаш е нарушен и меѓународниот систем. Нашите браќа се собраа тука под под покровителство на Обединетите нации, со нивната гаранција, тие беа подложени на геноцид овде. Всушност, ова е срам за човештвото. Нашите браќа овде знаат дека ние секогаш сме со нив“, рече Ала.