Турскиот јавен радиодифузен сервис ТРТ ја лансираше новата дигитална платформа за вести - ТРТ Балкан, која ќе покрива политички, социјални, културни и економски теми во врска со Балканот.
Платформата, која е во функција од денес, ќе објавува специјални содржини за Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.
Целта се над 30 милиони луѓе од овие земји и од балканската дијаспора со широк спектар на содржини на повеќе јазици, вклучувајќи албански, босански и македонски.
Како и другите меѓународни информативни платформи на ТРТ, ТРТ Балкан исто така ќе објавува содржини на „Јутјуб“ (YouTube), „Фејсбук“ (Facebook), „Твитер“ (Twitter), „Инстаграм“ и „ТикТок“ (TikTok).
Со своите канцеларии во Скопје и Сараево, ТРТ Балкан ќе работи со цел да обезбеди објективни и веродостојни вести на својата публика од целиот Балкан.
„Да се слушне гласот на Туркије“
„ТРТ Балкан е уште еден чекор кон тоа да се слушне гласот на Туркије низ целиот свет“, рече генералниот директор на ТРТ, проф д-р Мехмет Захид Собачи.
Платформата е дел од плановите на ТРТ да се прошири на глобално ниво.
Институцијата со седиште во Анкара веќе има пет различни меѓународни извори: ТРТ Ворлд (TRT World), ТРТ Арапски (TRT Arabi), ТРТ Руски (TRT Russian), ТРТ Германски (TRT Deutsch) и ТРТ Француски (TRT Francais).
Основана во 1964 година, турската медиумска организација продолжи да станува главен меѓународен радиодифузер од 2016 година, кога го лансираше својот сервис на англиски јазик, „TRT World“.