Министерот за млади и спорт на Република Туркије, Мехмет Мухарем Касапоглу, во рамките на посетата на Република Северна Македонија учествуваше на шестата седница на Мешовитата комисија за економска соработка меѓу двете земји.
Турскиот министер Касапоглу и министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, како и претставници на релевантни институции и делегации на двете земји учествуваа на средбата што се одржа во зградата на Владата на Северна Македонија во Скопје.
По состанокот на Мешовитата комисија за економска соработка, на која присуствуваше и амбасадорот на Туркије во Скопје, Хасан Мехмет Секизќок, Касапоглу и Бектеши одржаа заедничка прес-конференција.
Министерот Касапоглу во својата изјава истакна дека имале исклучително ефикасен и ефективен состанок.
Подвлекувајќи дека Северна Македонија е важен чинител и партнер на Туркије и од аспект на историските, културните и човечките односи, и поради нејзиното политичко и економско значење, Касапоглу истакна:
„Трговскиот обем меѓу двете земји се приближи до една милијарда долари во 2022 година. Минатата година извозот изнесуваше 700 милиони долари. Овие бројки ќе се зголемуваат од ден на ден. Веруваме во тоа.“
Истакнувајќи дека Северна Македонија ја гледаат како важен партнер на полето на инвестициите, Касапоглу рече дека тоа е причината поради која станува збор за инвестиции од 1,2 милијарди долари.
„Една од нашите важни цели како Република Туркије е да ги развиеме комерцијалните и економските односи со Северна Македонија. Наша желба во таа смисла е односите да ги подигнеме на многу повисоко ниво.“
„Денеска повторно, во таа насока го потпишавме Протоколот на заедничката економска комисија, а наше најголемо верување е дека тоа не само што ќе ги зајакне постоечките односи меѓу Туркије и [Северна] Македонија, туку ќе даде голем придонес и за растот на трговските и економските односи во иднина.“
Касаполу рече дека на маргините на состанокот, задоволувачка била соработката, особено за Меморандумот за разбирање во областа на младите и спортот, како и за економската и комерцијалната соработка меѓу малите и средните претпријатија од Туркије и Северна Македонија.
„Во Протоколот на шестиот состанок на Мешовитата економска комисија имаме голема соработка, од трговија до индустрија, од енергетика до транспорт, од здравство до земјоделство, од образование до мали и средни претпријатија и секако, на полето на младите и спортот. Има толку многу, многу можности. Има многу моќен потенцијал. Особено би сакал да истакнам дека во тоа се согласивме“, рече Касапоглу.
Бектеши: Туркије е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија
Министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, изрази задоволство што заедно со Касапоглу ја претседавале шестата седница на Мешовитата комисија во различни области, кои, според него, се многу важни за економијата на земјата и се важни и во делот за продлабочување на соработката меѓу двете држави.
„Разговаравме за различни теми во кои беа вклучени повеќе институции од двете држави, и тоа за инвестициите, иновациите, технолошкиот развој, секако енергетиката, туризмот, областа на младите и спортот, соработка меѓу федерации, агенции и министерства“, рече Бектеши.
Според него, ќе се зголеми и соработката на полето на земјоделството меѓу двете земји.
„Во нашата држава, Република Туркије е еден од најголемите инвеститори. Јас сум убеден дека така и ќе продолжи, а заложба на сите институции, почнувајќи од оваа комисија, па сѐ до надлежните институции во различни области, е да ги подобриме нашите договори за слободна трговија“, додаде Бектеши.
Осврнувајќи се на соработката во областа на земјоделството, Бектеши нагласи дека има голем интерес од турски компании да инвестираат во обновливи извори на енергија во земјата.
Бектеши истакна дека со турските власти ќе разговараат и за долгогодишна соработка и во делот на снабдувањето со природниот гас во Северна Македонија.