Земјите од Балканот во последниот период во повеќе наврати го искажаа својот интерес за набавка на некои од производите на турската одбранбена индустрија, првенствено турските дронови „Бајрактар“ кои станаа познати на светско ниво. Албанија e првата земја во регионот која официјално потпишала договор за набавка на овие дронови, a интерес за „Бајрактар“ и за другите производи од турската одбранбена индустрија покажаа и другите балкански земји.
Северна Македонија со поголема воена соработка со Туркије
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, во неодамнешно интервју за Агенција Анадолија во рамките на Светскиот економски форум во Давос најави поголема воена соработка со Туркије во наредниот период, велејќи дека „нелегалната руска инвазија на Украина само ја прави целата работа поитна“.
„Воената соработка меѓу двете земји започна пред многу години и многу високорангирани војници во Армијата на Северна Македонија беа обучени во турските воени училишта“, изјави Пендаровски.
На прашањето дали купувањето воени беспилотни летала од Туркије е на агендата на Скопје, Пендаровски рече дека во последната година и пол, Северна Македонија направила нови аранжмани за набавка на дел од воената опрема и оружје од таа земја.
„Но се разбира, ова е чувствително прашање и не би сакал да разговарам за сето тоа детално јавно“, појасни Пендаровски.
Набавка на 18 хаубици „Боран“ од Туркије
Исто така, во неодамнешните извештаи на локалните медиуми, беше објавено дека најмладата членка на НАТО, Северна Македонија нарачала три батерии со вкупно 18 хаубици „Боран“ од Туркије. Според сознанијата во извештаите, потегот на Армијата на Северна Македонија доаѓа како дел од осовременување на својата единствена артилериска дивизија.
Најавено е дека првата батерија од шест хаубици „Боран“ ќе пристигне за две години, додека преостанатите две батерии ќе бидат испорачани во периодот од 2029 до 2031 година.
Дострелот на турските хаубици „Боран“ е 17 километри, а брзината на истрелување е до шест проектили во минута.
Албанија потпиша договор за набавка на Бајрактар дроновите
Албанија е првата земја на Балканот која официјално потпиша договор за набавка на дроновите „Бајрактар“.
Турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“ на 20 декември минатата година објави потпишување договор за извоз на дронови со Албанија.
„Потпишавме договор со Албанија за извоз на „Бајрактар ТБ2“, борбено беспилотно летало“, објави „Бајкар технолоџис“ (Baykar Technologies) на Твитер.
Србија заинтересирана за дроновите „Бајрактар“
За производите на турската наменска индустрија заинтересирана е и Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ пред само неколку дена истакна дека Белград сака да ја унапреди соработката со Анкара на „воено-техничко ниво“.
Освен дроновите Бајрактар, Србија е заинтересирана и за купување на друга воена опрема од Туркије, изјави Вучиќ во интервју за АА.
За потсетување, и во април минатата година, Вучиќ најави можност за купување на дронот „Бајрактар“.
Косово работи на набавка на беспилотните дронови
За беспилотните летала „Бајрактар“ заинтересирани се и надлежните во Косово. Косовскиот министер за регионален развој и претседател на Демократската турска партија на Косово (КДТП) Фикрим Дамка изјави дека Косово работи на набавка на турски борбени беспилотни летала Бајрактар.
Дамка истакна дека Косово во сите набавки на оружје влегува со цел одбрана и рече дека земјата сака да купи беспилотни летала Бајрактар СИХА од Туркије.
„Прашањето за Бајрактар, кое е на дневен ред во светот и прашањето за борбените беспилотни летала се исто така на нашата агенда. Нашата земја постојано спроведува студии за ова. Реализирани се посети. Нашиот претседател и министер за одбрана ги посетија леталата на Бајрактар на самото место. Се разбира, ова е долгорочен процес. Секоја држава сака да има такви беспилотни летала во својот дом, во својот воен арсенал“, рече Дамка.
Иако нема официјално известување од Босна и Херцеговина дали се планирани набавки на дроновите „Бајрактар“, сепак во посета на турскиот Национален камплус за истражување и развој на беспилотните летала во Истанбул „Оздемир Бајрактар“, во текот на 2021 година година бил началникот на Генералштабот на вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-потполковник Сенад Машовиќ.
Во текот на посетата, Машовиќ за активностите во кампусот го запознал челниот човек на „Бајкар Технолоџис“ Селчук Бајрактар, соопштено е на официјалниот Твитер профил на „Бајкар“
Дроновите „Бајрактар“ се извезуваат во 28 држави
Досега вкупно 28 држави потпишаа договори за увоз на беспилотни борбени летала „Бајрактар ТБ2“, на турскиот производител на дронови Бајкар.
На 18 јануари Бајкар потпиша договор за извоз на дроновите „Бајрактар ТБ 2“ во вредност од 370 милиони долари со Министерството за одбрана на Кувајт.
„Во процесот кој траеше од јули 2019, на крајот помеѓу компаниите од САД, Еворпа и Кина, се одлучивме за турската компанија Бајкар“, соопшти Министерството за одбрана на Кувајт.
Беспилотното борбено летало „Бајрактар ТБ2“ во 2019 година успешно изведе 27-часовен лет во тешки услови.
Во 2022 година вкупниот извоз на компанијата Бајкар изнесуваше 1,18 милијарди долари.
Голем број земји, меѓу кои Украина, Катар и Азербејџан, веќе купија од турските дронови, а Полска минатата година стана првата држава членка на Европската Унија и НАТО која ги набави дроновите од Туркије.
Угледот и меѓународната побарувачка за турските беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ и „Бајрактар Акинџи“ се зголемија низ Европа од почетокот на војната на Русија против Украина во февруари минатата година.
Турскиот борбен дрон „Бајрактар ТБ2“ се смета за клучен во судирите од Карабах до Украина.