Полска го поздравува економскиот успех на Србија, економски силна Србија е придобивка за ЕУ, речеТуск / Photo: Aleksandar Vucic Facebook

Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Белград изјави дека неговата земјата го поддржува европскиот пат на Србија и дека Европската унија не е целосна без Србија.

„Полска наскоро ќе го преземе претседавањето со ЕУ, а за време на полското претседавање приоритет ќе ми биде проширувањето и најблиската можна соработка со Србија“, истакна Туск по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Туск истакна дека неговото мислење за Србија не се променило со годините и дека истото што го мислел за Србија, нејзиното место во Европа и српско-полското пријателство кога беше претседател на Европскиот совет го мисли и сега кога е полски премиер.

„Мојот пријател Александар Вучиќ ми рече дека би сакал овој регион наскоро да го види во Европската унија и дека го поддржува почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија, бидејќи, како што вели, „кога имаш успешни соседи, целиот регион е успешен“, изјави полскиот премиер.

Туск рече и дека по искрениот разговор со Вучиќ, позицијата на Србија му е појасна.

„Убеден сум дека разговорот отвора поширока перспектива за соработка на целата ЕУ и Србија, како и меѓу Полска и Србија, но и дека разговорот ќе придонесе за помонолитна политика во Европа. Србија и ЕУ имаат ист интерес, а тоа е дека нема причина за какви било конфликти или спорови што би било невозможно да се решат, а јас навистина зборувам за европската перспектива за балканските земји кои се заинтересирани за тоа. Ќе повторам уште еднаш - проширувањето на ЕУ мора да ја вклучи и Србија, бидејќи ЕУ не ецелосна без Србија“, рече Туск.

Зборувајќи за долгорочниот пат на Србија кон ЕУ, Туск изјави дека му е јасно дека двете страни се донекаде разочарани и не секогаш се разбираат.

Тој изрази уверување дека Србија ќе успее да ги реши сите проблеми, вклучително и тој со Косово, честитајќи му на Вучиќ за сите напори што ги вложува во решавањето на бројните предизвици со кои се соочува Србија и нејзините граѓани.

Туск додаде дека Полска го поздравува економскиот успех на Србија и оцени дека економски силна Србија е придобивка за ЕУ.

„Ја поддржуваме регионалната соработка, особено иницијативата Отворен Балкан, која ја започнаа Србија, Албанија и Северна Македонија, како и Берлинскиот процес. Свесни сме за амбициозните планови што ги има Србија кога станува збор за Планот за раст, со цел да го забрза својот европски пат“, рече Туск.

Тој посочи дека за Полска се важни билатералните односи со Србија, особено зајакнувањето на економската соработка.

„Многу добро се разбираме и многу добро разбираме зошто имаме различни ставови за овие прашања за односите со Русија. Но, токму поради тоа, уште повеќе го ценам нашето меѓусебно разбирање и поддршка кога станува збор за Украина“, рече Туск.

На почетокот на своето обраќање тој зборуваше на српски јазик, на што претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека ниту еден од странските државници кои ја посетија нашата земја не зборува толку добро српски.

TRT Balkan / агенции
Популарни