Ако сакаме да продолжиме да градиме мир, треба да го завршиме европскиот проект, особено кога зборуваме за земјите од Западен Балкан, рече италијанскиот претседател Матарела / Photo: Facebook Natasa Pirc Musar

Проширувањето на Европската унија е нејзин стратешки, но и безбедносен интерес, се согласија во понеделникот учесниците на самитот во Брдо кај Крање по повод 20-годишнината од членството на Словенија во Европската унија.

„Проширувањето е важно...Проширувањето значи голема трансформациска моќ. Ние сме претседатели на земји кои го поддржуваат влезот на земјите од Западен Балкан во Европската унија, вклучително и Молдавија и Грузија“, изјави словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар.

„Словенија ќе продолжи да дава помош за овие земји“, додаде Пирц Мусар на средбата на претседателите на соседните земји на Словенија во Брдо кај Крањ.

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен потсети на усвојувањето на „историските одлуки за почеток на преговорите со Босна и Херцеговина, Украина и Молдавија“.

„Австрија ги поддржува овие одлуки. Ние имаме свој јасен стратешки интерес, а тоа е натамошното проширување на Европската унија. Пред се мислам на земјите од Западен Балкан, тие се наши соседи. Тоа е и наш безбедносен интерес дека влегуваат во Унијата мислам дека сме на вистинскиот пат“, рече австрискиот претседател.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека „не е се во исполнувањето на критериумите“, но „за жал има многу и премногу во политиката“, поради што земјите како Албанија, Северна Македонија и Црна Гора „не отворија ниту едно поглавје“.

„Тука е и Србија, која дефинитивно мора да одлучи каде припаѓа политички, вредносно и структурно. Сепак, сите овие земји заедно имаат номинален БДП помал од Хрватска и Словенија заедно. Значи, во економска смисла, тоа е мал предизвик и мала главоболка за некој што би сакал да најде решение. Но, тој очигледно не сака, а за тоа не можеме да ја обвиниме ниту Кина, ниту Русија. Тоа е нашиот проблем. Некој го спречува“, изјави Милановиќ.

Милановиќ рече дека Унијата мора да најде „некаков пат на разум за да се задоволиме со нешто што е добро за сите нас, да се обиде да ги внесе во нашето општество оние што ни се блиски, односно земјите од Западен Балкан, а оние кои не се таму, тоа е веќе нешто што, се плашам, ги надминува нашите можности бидејќи ЕУ не се Соединетите Американски Држави, не се Пекинг“.

Серџо Матарела, претседателот на Италија, потсети дека Словенија стана членка на Европската унија заедно со уште девет земји во 2004 година.

„Ако сакаме да продолжиме да градиме мир, треба да го завршиме европскиот проект. Денес е поважен од кога било. Особено кога зборуваме за земјите од Западен Балкан, кои чекаат влез 20 години. Се разбира, не ги забораваме Украина, Молдавија и Грузија“, рече Матарела , додавајќи дека е среќен што словенечкиот претседател „се залага за целосно спроведување на Шенген“.

Имено, Пирц Мусар ги повика сите влади на соседните земји на Словенија заедно со неа да ги „укинат граничните контроли“.

„Шенгенскиот режим е големо достигнување во Европската унија и овде, во овој регион, оваа отвореност на границите е една од главните предности“, истакна словенечката претседателка.

Милановиќ рече и дека е „за отворени граници меѓу Хрватска и Словенија и сите други учесници и членки на Шенген“.

„Меѓутоа, Шенген е многу деликатна структура и потребно е само малку да дувне ветер и сите да настинат, а токму тоа се случи. Словенија реагираше со затворање на границите. Искрено, разбирам, не осудувам, но мора да се вратиме на фабричкото подесување на Шенген, а тоа е слободно патување“, рече Милановиќ.

Во декември, словенечката влада донесе декрет за продолжување на граничните контроли со Хрватска и Унгарија за шест месеци.

Словенечката гранична контрола ќе трае до 22 јуни 2024 година. Унгарскиот претседател Тамаш Сулјоко исто така рече дека неговата земја е посветена на проширувањето на Унијата и дека сака „да олесни што е можно повеќе пристапни преговори, што е можно поскоро“.

TRT Balkan / агенции
Популарни