Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Албанија покажала визија и трпение во преговарачкиот процес и дека ја добила својата награда.
Таа вчера беше пречекана од премиерот Еди Рама во Тирана, главниот град на Албанија, на првата станица од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.
По средбата Фон дер Лајен и Рама одржаа заедничка прес-конференција.
Таа изјави дека Албанија покажала визија и трпение во текот на преговарачкиот процес и за тоа била наградена.
„Албанија е на пат кон пристапување во ЕУ. Проширувањето ќе биде главен приоритет во мојот следен мандат. Сега ги имаме сите потребни алатки и сите инструменти што се потребни“, рече Фон дер Лајен.
Зборувајќи за миграцискиот договор меѓу Албанија и Италија, Фон дер Лајен рече дека будно ги следат случувањата поврзани со неговата имплементација.
Рама се осврна на отворањето на првата група поглавја во преговорите за пристапување на Албанија во ЕУ.
„Знаеме дека ова е предизвик кој не станува полесен, туку напротив е се потежок, бидејќи сега сме пред низа задачи“, рече албанскиот премиер.
Тој посочи дека местото на неговата земја е во ЕУ.
„Овде сум со вас за да го потврдам сето она што Албанија го покажа во однос на застанувањето рамо до рамо со ЕУ на овој заеднички пат, целосно почитување на надворешната политика на ЕУ и вклученост во сите процеси. Има предизвици, но и вредности кои не обединуваат. Целиот овој пристап на Албанија ќе стане уште посилен и консолидиран во иднина“, рече Рама.
Тој истакна дека се надева дека процесот ќе заврши кога Албанија ќе стане членка на ЕУ во 2030 година.
Албанија аплицираше за членство во ЕУ во април 2009 година и доби статус на земја кандидат во јуни 2014 година. Во јули 2022 година, ЕУ ја организираше првата меѓувладина конференција со Албанија.
Фон дер Лајен во средата во Тирана ја започна четиридневната посета на Западен Балкан.
За време на балканската турнеја, таа ќе има средби со лидерите на Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора, што ќе биде можност да се разговара и за напредокот на партнерите од Западен Балкан на европскиот пат, како што е План за раст на Европската унија вреден шест милијарди евра .