Претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, во своето обраќање рече дека со неговиот австриски колега имале искрен, содржаен и продуктивен разговор.           Фото: АА

Сојузниот претседател на Република Австрија, Александер ван дер Белен, изјави дека неговата земја целосно ќе ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), притоа изразувајќи уверување дека ќе се успее да се дојде до потребните уставни промени.

На заедничката прес-конференција по состанокот одржан во Скопје со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, австрискиот претседател истакна дека неговата земја е долгогодишен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ.

Имајќи ги предвид моменталните геополитички реалности, додаде тој, сега е многу важно државите од регионот уште повеќе да бидат придвижени и поврзани со ЕУ.

„Ние сме убедени дека ќе успеете да ја направите измената на Уставот и потоа по план да тече процесот за прием во ЕУ. Австрија целосно ќе ве поддржува на тој пат“, рече Ван дер Белен.

Зборувајќи за економската соработка, Ван дер Белен потсети дека Австрија е на врвот на странските инвеститори во Северна Македонија, додавајќи дека има потенцијал за натамошен развој.

Австрискиот претседател информираше дека 25 претпријатија од различни економски бранши го придружуваат на ова патување, во чии рамки е предвидено да се одржи и економски форум.

Претседателот на Северна Македонија, Пендаровски, во своето обраќање рече дека со неговиот австриски колега имале искрен, содржаен и продуктивен разговор.

Тој нагласи дека двете земји негуваат традиционални врски и дека билатералните односи одат по нагорна линија.

Пендаровски ѝ се заблагодари на Австрија за силната поддршка на политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, додавајќи дека Австрија има значајна улога во овој аспект.

„Се согласивме дека во отсуство на јасна европска перспектива, евроскептицизмот ќе продолжи да расте и сигурно ќе биде сигнал за некои други сили што работат спротивно на европските вредности“, истакна Пендаровски.

Тој, исто така, ги поздрави добрите показатели за економската соработка, додавајќи дека Австрија е прв странски инвеститор во Северна Македонија со вкупни инвестиции од близу една милијарда евра.

За време на официјалната посета австрискиот претседател Ван дер Белен ќе оствари средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Ван дер Белен ја започна својата официјална посета на Северна Македонија вчера со посета на Охрид, откако престојуваше во официјална посета на Албанија.

AA
Популарни