Владата ја презентираше Нацрт реформската агенда за 2024 - 2027 година /     Фото :Влада на Северна Македонија

Нацрт реформската агенда за периодот 2024 – 2027 денеска беше презентирана од премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани на заедничка прес – конеференција во медиа центарот на Владата.

„Владата е целосно посветена за реализација на нашата стратешка цел за целосна интеграција во ЕУ.

Во овој процес не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на ЕУ, туку и како модерна економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди.

Нашата визија за модерна и „Македонија повторно твоја“ е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европско семејство“, рече Мицкоски.

Овој план инициран од ЕК, како што посочи, има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и ЕУ нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство, а се темели на четири основни столбови – зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на економнската интеграција преку зголемена соработка со соседите во рамки на заедничкиот регионален пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финасиската помош за реформите со финански пакет од 6 милијарди евра од кои две мијарди се грантови.

Според формулата, на државава треба да и припаднат 750, 4 милиони евра за периодот 2024 – 2027.

Реформската агенда за посочениот период треба да бида усвоена од ЕК со што ќе се отвори можност за потпишување договор за механизмот за реформи и раст и договор за заем.

По ратификацијата на договорите повторно ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7 проценти од алокацијата на средствата односно околу 52,5 милиони евра.

„Наша одговорност е да осигураме дека сите мерки и чекори предвидени во Реформската агенда ќе бидат успешно спроведени и дека ние ќе ја искористиме оваа историска можност за забрзан економски развој и интеграција во рамките на Европската Унија.

Секој чекор што го преземаме, секоја реформа што ја спроведуваме е во насока на натамошно имплементирање на европските стандарди. Оваа Влада нема да застане пред ниту еден предизвик.

Ќе продолжиме да работиме со целосна посветеност и решителност за подобра иднина на нашите граѓани, затоа што знаеме дека нашата иднина е во Европа“, порача Мицкоски.

На новинарско прашање каде во реформската агенда е Судскиот совет, премиерот рече дека ако треба ќе се ангажираат и надворешни соработници, но дека реформата прво треба да се случи во главата на политичарите и оние кои работат во правосудството.

„Веќе разгледуваме модели, се консултираме со определени експерти кои за волја на вистината се малкумина кои доставија некаков свој поглед како ги гледаат реформите, но нам не ни требаат реформски агенди, ниту некој од Брисел да ни каже, имаме доволно капацитет.

Ако треба ќе ангажираме надворешни соработници, но треба да си направиме реформа ако сакаме да одиме како држава напред, но таа реформа треба да е прво во главата на политичарите и на оние кои работат во правосудството“, рече Мицкоски.

Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со ЕК и ќе опфати приоритетни области како реформи на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрувањето на деловното опкружување кои се клучни за подобрување на стандардот на граѓаните и обезбедување долгорочна стабилност и напредок за државата.

Министерот Муртезани посочи дека Нацрт реформската агенда е изработена од МЕП заедно со Министерството за финансии и сите други надлежни министерства и ја смета за едно од најважните достигнувања во првите 100 дена од мандатот на новата Влада.

Искористувањето на средствата наменети за земјава од Планот за раст на Западен Балкан, рече дека ќе бидат условени од реализацијата на квантитативните и квалитативните чекори поврзани со реформите.

При тоа од 750,4 милиони евра, 250 милиони евра ќе бидат во форма на грантови, односно неповратни средства за инвестициски проекти, а 500 милиони евра се заем под поволни услови со почеток на отплата од 2034 година, со рок на враќање до 40 години и поволна стапка.

Од 500-те милиони, една половина ќе се искористат за буџетска поддршка, а другата за инвестициски проекти.

„Ќе работиме на зајакнувања на јавната внатрешна финансиска контрола, зајакнување на системот за јавни набавки, декарбнонизација и обновливи извори на енергија, усвојување на систем за трговија со емисии на гас, енергетска ефикасност и справување со загадувањето на воздухот.

Тука спаѓа и развојот на образованието и вештини преку реформи на средното стручно образование како и реформа на државните и јавни претпријатија, особено во поштенскиот и железничкиот сообраќај, вклучитечлно и воведување на интелигентен транспортен систем, зголемување на е-услугите во царинското работење, подобрување на деловната средина преку зајакнување на инспекторатите и зголемување на инспекциските надзори и поддршка за работата на малите и средни претпријатија“, рече Муртезани.

Во делот на владеењето на правото и развојот на демократијата, тој наведе дека ќе се работи на реформа на изборното законодавство, зајакнување на независноста квалитетот и интегритетот на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, како и на донесување на нов кривичен законик и закон за кривична постапкам согласно стандардите на ЕУ.

Заради порано спомената потреба од јакнењето на капацитетот и политика за задржување на кадарот во структурите за имплементирање, а со цел имплементирање на презентираната реформска агенда, Муртезани најави дека ќе се направи анализа за евентуална потреба од создавање дополнителна структура или користење на постојната со нејзино зајакнување или проширување.

TRT Balkan / агенции
Популарни