Уставниот суд на вчерашната седница го поништи Законот за солидарен данок, со што државата ќе биде обврзана да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании / Photo: Влада на РСМ

Владата ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд за поништување на солидарниот данок, донесен од претходната Влада и на 156 компании ќе им врати 50 милиони евра, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Тој најави и дека ќе се разгледа можноста да се повикаат на одговорност тие кои кои го донеле Законот за солидарен данок.

„Судската одлука на Уставниот суд е конечна и таа мора да се почитува. Предупредувавме како опозиција и тогаш, но она што мене ме вознемирува повеќе, не од овие коишто претходно беа Влада, од нив јас не очекував ништо повеќе, туку што имаа поддршка од некои меѓународни финансиски институции тоа да го прават. Тоа повеќе ме вознемирува. И сега наместо нови 50 милиони за нешто друго, не е битно, ние ќе треба хирови да враќаме на некој којшто правел грешка“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека вчера со министерката за финансии разговарале да се направи мапирање на тие компании.

„Ќе пристапиме поединечно на сите нив, една по една и ќе најдеме решение. Како и за сѐ друго што наоѓаме решение, така и за ова ќе најдеме решение. Јас сум сигурен дека на крајот од денот и за ова ќе најдеме решение и заедно ќе го премостиме и овој проблем, како и стотици други коишто ги поминавме изминатите месеци.“

Исто така премиерот Мицкоски рече дека се разгледува и можноста за да се побара одговорност од тие што го имаат воведено овој данокот.

Уставниот суд на вчерашната седница го поништи Законот за солидарен данок, со што државата ќе биде обврзана да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании. Овој закон, кој претходно беше воведен како еднократна давачка за 2023 година, сега е прогласен за неуставен.

Постапката за оценка на уставноста на оспорениот закон беше иницирана на 20 ноември 2023 година преку повеќе предмети поднесени од бизнис заедницата.

Со конечната одлука, Уставниот суд го укина законот поради нарушување на темелните принципи на владеење на правото и правната сигурност.

Во ноември минатата година, судиите изразија сомнеж дека законот произведува повратно дејство, што е спротивно на член 52 од Уставот.

Со воведувањето на данокот, компаниите беа ставени во нееднаква положба, а законодавецот направи упад во правото на сопственост и слободата на пазарот и претприемништвото.

TRT Balkan / агенции
Популарни