За овие авиолинии, Владата во наредните 3 години ќе исплаќа субвенции во вкупен износ од 5 милиони евра, односно 7 евра по патник во заминување.                 Фото: АА

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на заедничка прес-конференција со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, информираа дека оваа година ќе се воведат 5 нови авиолинии од Меѓународниот аеродром во Скопје.

Премиерот Ковачевски и министерот Бочварски презентираа детали од изборот на авиопревозници кои се пријавија на јавниот повик за финансиска поддршка за нови авиолинии за период 2023 - 2025 година.

Премиерот Ковачевски истакна дека преку субвенционирање на авиолинии се овозможува раст на економијата и на воздушниот сообраќај.

„Наша стратешка цел е да ги искористиме сите капацитети што ги нудат Меѓународниот аеродром во Скопје и охридскиот Аеродром Св. Апостол Павле, и заложбата на Владата е да овозможи квалитетни услуги со поширок спектар на дестинации за граѓаните. Податоците покажуваат дека во 2022 година имаме превезено над 2,3 милиони патници преку нашите два меѓународни аеродроми“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека на јавниот повик се пријавиле авиопревозниците Луфтханза и Визер.

Министерот Бочварски информираше дека авиопревозникот Луфтхаза од 23 април започнува со нова линија Скопје – Франкфурт, и тоа 10 пати неделно.

„Сакам да изразам големо задоволство што успеавме да отвориме 5 нови дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје. Во овој момент имаме 48 дестинации од кои 41 од скопскиот аеродром и 7 од аеродромот во Охрид“, рече Бочварски.

Исто така, тој рече дека компанијата Визер од 1 ноември ги воведува следните дестинации: Скопје – Луксембург, Скопје – Штутгарт, Скопје – Салцбург, Скопје – Љубљана. Кон овие 4 дестинации предвидено е да има 3 лета во неделата.

За овие авиолинии, Владата во наредните 3 години ќе исплаќа субвенции во вкупен износ од 5 милиони евра, односно 7 евра по патник во заминување.

Бочварски истакна дека авиопревозниците ќе имаат обврска да продолжат да оперираат со линијата за дестинацијата за која ќе добиваат финансиска поддршка, ист период за кој добивале субвенции.

Во спротивно, додаде тој, авиопревозниците ќе бидат должни да го вратат целиот износ на средства што ги добиле како финансиска поддршка.

AA
Популарни