Според неа, бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди, а ова се пет отсто од БДП, средства што се очекува да бидат инвестирани оваа и следната година / Photo: Влада на РСМ

Со одлука на Владата потврдени се условите за унгарскиот кредит, за што претходно беше постигнат договор со банките, а со парите се очекува да се придвижи стопанството, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

Таа посочи дека најголемиот дел од банките се согласни да ги исплатат парите од унгарскиот кредит за компаниите.

„На владина седница на 26 ноември се донесе заклучок во врска со предлогот на Министерството за финансии за условите за кредитна линија од унгарскиот кредит, а во однос на користење на средствата од кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва“, рече Митева.

Според неа, Владата го задолжи Министерството за финансии во соработка со Развојната банка да преземат активности околу операционализација на средствата од кредитната линија под следните услови:

„Минимален износ по корисник до 10 милиони евра. Рок на отплата од страна на крајниот корисник до 15 години со вклучен грејс период до три години и квартална отплата по завршување на грејс периодот. Фиксна каматна стапка од 1,95 отсто без надомест за одобрување и управување. Сопствено учество на крајниот корисник од минимум 20 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.“

Митева посочи дека средствата од кредитната линија за финансирање ќе бидат наменети за финансирање на дејноста производство и ќе можат да се користат за инвестиции во опрема, како машини и останато, недвижности, погони, фабрики, деловни објекти за сопствена употреба, транспортни средства поврзани со производствениот процес, обновливи извори на енергија наменети за производство на енергија и нематеријални средства, како што се инвестиции во развојот и софтвери.

Исплатата ќе биде извршена врз основа на доставени фактури од крајниот корисник со цел да се обезбеди контрола на искористувањето на средствата.

Според неа, бруто-домашниот производ е проектиран на 16 милијарди, а ова се пет отсто од БДП, средства што се очекува да бидат инвестирани оваа и следната година.

TRT Balkan / агенции
Популарни