Владата на Црна Гора потпиша Темелен договор со Српската православна црква     Фото: 

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и патријархот на Српската православна црква (СПЦ), Порфириј, во Подгорица потпишаа Темелен договор помеѓу црногорската држава и СПЦ.

Станува збор за договор кој го одредува односот помеѓу државата и СПЦ, а чиј текст претходните денови беше жестоко критикуван од страна на невладиниот сектор, Црногорската академија на науките и уметностите, но и од страна на одредени политички партии.

„Едно важно прашање се смета за завршено, ад акта. Продолжуваме понатаму, фокусот е на подобар животен стандард за граѓаните“, рече Абазовиќ по потпишувањето на договорот.

На денешното потпишување на Темелниот договор присуствуваа и црногорско-приморскиот митрополит Јоаникие, министерот за земјоделство, Владимир Јаковиќ, министерот за финансии, Александар Дамјановиќ, министерот за здравство, Драгослав Шќекиќ и министерот за човекови и малцински права, Фатмир Ѓека.

Првични реакции на потпишувањето на договорот

На потпишувањето на Темелниот договор реагираше Демократската партија на социјалистите (ДПС) предводена од Мило Ѓукановиќ, претседателот на Црна Гора. Партијата соопшти дека ќе најави покренување иницијатива за изгласување недоверба на Владата предводена од Дритан Абазовиќ.

„Денес поптишаниот Договор, кој е во спротивност со Уставот на Црна Гора, ќе биде суспендиран веднаш по изборите на новата Влада“, соопшти ДПС.

Како најголема партија во црногорскиот парламент, ДПС ја поддржа малцинската Влада на Дритан Абазовиќ во Собранието на Црна Гора.

Што содржи Темелниот договор?

Темелниот договор со СПЦ, по официјалното објавување на на крајот од јуни оваа година, предизвика дискусии во црногорската јавност, но и несогласувања во рамките на Владата на Црна Гора.

Со Темелниот договор со кој се регулираат односите помеѓу СПЦ и државата Цна Гора, пропишува низа обврски на државата кон СПЦ.

Со договорот држава го признава правниот континуитет на СПЦ од 1219 година.

Со него на СПЦ и се даваат јавно-правни овластувања, се отвора можност на воведување веронаука во училиштата.

Меѓу другото, според договорот, државните органи не можат да преземаат безбедносни мерки во црквените објекти без претходно одобрување од надлежните црквени органи а државата се обврска и да ги укнижи и невпишаните недвижнини во сопственост на епархиите на СПЦ во Црна Гора.

TRT Balkan / агенции
Популарни