Во Албанија претставена електронската платформа за финансиско известување / Photo: AA

Централната изборна комисија на Албанија (ЦИК) во соработка со Советот на Европа и Европската Унија ја воведоа електронската платформа за финансиско известување, чија цел е да го зајакне мониторингот на финансирањето на политичките партии и користењето на државните ресурси за време на изборните кампањи.

Државниот изборен комесар на Албанија, Илирјан Челибаши во своето излагање на настанот рече дека платформата за електронско финансиско известување има за цел да ја поддржи ЦИК да го дигитализира целиот процес на известување и финансиски мониторинг на политичките партии.

„Советот на Европа со години е сериозен и сеопфатен партнер на Централната изборна комисија во развојот на различни проекти. Поддршката што Европската Унија ја даваше на овие проекти одвреме навреме беше од витално значење за реализација и успех на овие проекти.Проектната дигитализација на различни извештаи поврзани со финансирањето на политичките партии и изборните кампањи беше и останува еден од најважните проекти на Централната изборна комисија“, рече Челибаши.

Тој нагласи дека оваа платформа создава многу добра можност за целосно и точно администрирање на податоците пријавени за приходите и расходите на политичките партии, како во години така и во однос на изборните кампањи.

Амбасадорката на Европската унија (ЕУ) во Албанија, Кристијане Хоман, изјави дека Албанија е првата земја во регионот што има ваква платформа.

„Со воведувањето на оваа дигитална платформа која обезбедува информации во реално време за финансирањето на политичките партии, исполнуваме и еден од најважните елементи, а тоа е делот на транспарентноста. Мора да се зајакне довербата на луѓето во спроведувањето на изборите, и ова е добра можност за слободни и фер избори“, рече Хоман.

Според ЦИК, платформата има за цел да придонесе за зајакнување на мерките против корупција, перење пари и финансирање тероризам во согласност со европските стандарди.

Исто така, се нагласува дека оваа платформа е развиена со цел зајакнување на надзорните капацитети на ЦИК и зголемување на транспарентноста на политичките партии.

TRT Balkan / агенции
Популарни