Во Брисел не се одржа трилатералниот состанок ЕУ, Косово и Србија

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот, Мирослав Лајчак, синоќа во Брисел имаше билатерална средба со главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ, во рамките на новата рунда од дијалогот, но не се одржа трилатерална средба меѓу страните.

Лајчак на мрежата Х објави дека дискусиите биле корисни за напредокот во врска со голем број прашања од дневниот ред.

Владата на Косово соопшти дека првиот заменик-премиер на Косово за европска интеграција, развој и дијалог на Косово, Бесник Бислими, заедно со својот тим, остварил билатерална средба со Лајчак. На средбата, како што е наведено, се разговарало за темите поврзани со имплементацијата на Основниот договор од 27 февруари, Анексот за имплементација од 18 март и новиот план за идните чекори од 21 октомври.

Ова беше продолжение на процесот по состанокот на 26 октомври со лидерите на Германија, Франција, Италија и ЕУ, кога Република Косово ги истакна своите ставови, како и подготвеноста за потпишување и целосна примена на договорот.

Нацрт-предлогот за Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово не бил дел од дискусијата, но бил повторен ставот на премиерот Албин Курти, изнесен пред лидерите на 26 октомври, „што значи дека треба да се напредува во согласност со принципот дека само потпис значи прифаќање и спроведување на договорот.“

Во расправата за планот за редоследот на имплементацијата изнесени се коментарите од косовската страна што инсистираат на целосна имплементација на Основниот договор. Разговарано е и за договорите што наидоа на пречки и неприменливост во процесот од српска страна, како што се енергетскиот договор и прашањето за насилно исчезнатите лица.

Косово се согласило со нацрт-документот за проектната задача за спроведување на Декларацијата за исчезнати лица откако ЕУ го прифати коментарот.

TRT Balkan / агенции
Популарни