Поради зголемениот број сообраќајни несреќи во кои се инволвирани возачи на електрични тротинети, сообраќајните експерти во Хрватска бараат измени во законските одредби со кои подобро би се регулирала оваа област.
Расправата за ова ја поттикна последната жртва, 55-годишна Кинезинка, која пред неколку дена им подлегна на повредите, откако беше прегазена од 21-годишен возач на електричен тротинет во Загреб.
„Возачите на лични превозни средства мора да знаат дека со таквите возила треба да сообраќаат само по велосипедски патеки или ленти. Доколку тие не постојат на одредена улица, тие се должни да се движат на сообраќајни површини наменети за пешаци. Значи, доколку забележиме дека има пешаци кои се движат по таа површина, мораме да ја намалиме брзината на движење со електричен тротинет и да ја заштитиме безбедноста на тој пешак“, нагласи Крешимир Мишиќ, началник на сообраќајната полициска служба на Полициската управа на Загреб.
Имено, според сообраќајниот закон во Хрватска, децата помлади од 14 години не би смееле да возат електричен тротинет. На електричниот тротинет може да има само едно лице, а задолжително е носење кацига и приспособување на брзината на сообраќајните услови. Но правилата се прекршуваат и до 20 август се евидентирани 2.596 прекршоци.
За прекршителите на законските регулативи постојат казни. Казната за управување со електричен тротинет на пат изнесува 60 евра, возење без кацига 30, а доколку возачот на електричен тротинет има слушалки во ушите, казната е дополнителни 30 евра. Обидот за бегство од полицајците кои сакаат да го запрат возачот на електричен тротинет ќе чини речиси 1.000 евра.
До 20 август во Хрватска се евидентирани 266 сообраќајни незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети. Две лица загинаа, 71 се тешко, а 128 се лесно повредени.