Во МАНУ дебата за забрзување на процесот на пристапување на РСМ во ЕУ / Photo: ФБ профил на министерот за финансии на РСМ Фатмир Бесими

Научна и аргументирана дебата, надвор од партиската политика, која треба да и помогне на земјава подобро да се подготви за претстојните фази од евроинтеграцискиот процес.

Вака денеска, главните говорници, академиците Владо Камбовски и Таки Фити, вицепремиерот за европски прашања на Република Северна Македонија Бојан Маричиќ и министерот за финансии Фатмир Бесими, ја најавија конференцијата „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.

Од конференцијата, како што изјавија, се очекува да произлезат конкретни, јасни препораки кои ќе бидат содржани во зборник. Зборникот потоа ќе биде доставен до Владата, а ќе биде корисен и за избор на експертскиот тим кога ќе се отвори процесот на преговарање со ЕУ.

Како што рече вицепремиерот Маричиќ, добро е што има правно-политички дијалог во кој ќе се разговара за целиот процес на пристапување и за уставните амандмани, но и што има економски дел за нови идеи за прилагодување кон внатрешниот пазар на ЕУ и пред членството.

„Ова е време кога треба креативно да размислуваме. Тоа е и пораката што ја имаме од Европската комисија, ова лето да се отвори дискусија за областите во кои би можеле да се вклучиме порано во ЕУ, од она што го нудиме до сега за државите кандидати, како што е Северна Македонија и, од друга страна, кои се другите креативни елементи на процесот што може да се воведат за пакетот за ново проширување, наредно проширување на ЕУ со Украина и државите од Западен Балкан“, истакна Маричиќ.

Според него, Владата и досега имала консултации со научната фела околу евроинтегрирањето.

„И до сега сме имале консултации, можеби не вака формално и на ова високо ниво, но сме имале консултации. Постојано сме во консултации по повеќе прашања со академската фела. Дел од нив се веќе вклучени во работните групи, а секако дека и целта на овие настани е да се поврземе повеќе, да ги отвориме повеќе вратите и можностите за вклучување на академската фела во работните групи, особено за трите патокази што се клучни на оваа година“, нагласи Маричиќ.

Темата на конференцијата, како што оцени, пак, академик Фити, е извонредно значајна и има висока релевантност, а тоа се потврдува и со фактот дека се пријавени 35 научни трудови со околу 50 учесници. Во економскиот дел, пак, има 18 теми и околу 30 учесници.

„Ќе се дискутира за клучните економски критериуми, за забрзување на пристапување на земјата во ЕУ и во тој контекст, посебно ќе стане збор за продуктивноста и конкурентноста. Тоа се две области во кои имаме многу сериозни проблеми на патот кон ЕУ, но ќе се отворат и низа други прашања како фискалните предизвици во европски контекст на централно и локално ниво, проблемите на економскиот раст и развој, состојбите, пречките, перспективите. Многу значајна тема е и приближувањето кон ЕУ стандардите на висината на доходот, а тема ќе биде и „зелената транзиција“.

Трудовите ќе бидат објавени во посебен зборник и ќе содржат конкретни, јасни препораки до креаторите на политики. Очекувам и во економскиот и во другите делови да ги детектираме јасно слабостите и предностите, но и секторите во кои состојбата е лоша и да предложиме мерки како таа да се надмине, потенцира Фити.

Според министерот Бесими, од конференцијата се очекуваат препораки кои ќе бидат корисни во евроинтегративниот процес.

„Дискутираме на оваа научна конференција за предизвиците и перспективите на европската интеграција, економски аспекти и правни аспекти, што е исклучително важно во овој дел сега, кога веќе и од ЕК има најави дека за Западен Балкан се гледаат можности на забрзана лента на процесот на интеграција во ЕУ. Одлична е можноста да се искористат научни пристапи и препораки за политиките, што може да направиме во овој дел да се забрза процесот и ние како земја во преговорите со ЕУ да поставиме позиции што ќе бидат од корист за нас. Гледано од според економската наука и досегашната практика земјите од Централна и Источна Европа кои влегоа во ЕУ, во тој период економската перформанса е подобрена кај нив, но и сите други параметри, од аспект на БДП по глава на жител, од аспект на инвестиции, од аспект на стандард на живеење. Иницијативата која доаѓа од ЕУ за регионот е исклучително важна и да се искористи на една ваква конференција за нас е клучна во однос на политиките и реформите што следат во наредниот период“, рече Бесими.

Напоменувајќи дека науката секако ќе биде вклучена во креирање на политиките, тој потсети дека Министерството за финансии со МАНУ има потпишано Меморандум за соработка.

Научната конференција ја организира Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања.

TRT Balkan / агенции
Популарни