Најмалку 18 лица загинаа во текот на ноќта и денот во катастрофалните поплави и лизгањето на земјиштето во Босна и Херцеговина.
Сите расположливи патни единици, пожарникари, амбулантни возила и армијата се на терен, додека армијата работи на расчистување на патот кон Јабланица од Коњиќ. Патот, телефонската и интернет врската се во прекин.
Претходно беше соопштено дека во куќа во Фојница животот го загубила и постара жена. Исто така, во местото Гојевиќи кај Фојница во текот на денот од еден од поплавените автомобили е извлечено тело на маж.
За жал, бројот на жртви може да биде поголем бидејќи сѐ уште се трага по неколку десетици луѓе во северна Херцеговина, но и во централна Босна, истакнаа официјалните претставници
Владата на босанско-херцеговскиот ентитет Федерација Босна и Херцеговина (ФБиХ) на денешната итна седница донесе одлука за прогласување на состојба на природна непогода на територијата на ФБиХ поради катастрофалните поплави и лизгањето на земјиштето.
Во знак на солидарност кон жртвите и нивните семејства во Босна и Херцеговина откажани се голем број културни и спортски манифестации кои требаше да се одржат во текот на викендот.