Во Приштина се одржува Самитот за Западен Балкан 2022

„Живееме во нестабилен и турбулентен свет и она низ што Европа моментално минува е најголемиот предизвик од Втората светска војна“, рече уредникот на магазинот „Економист“ Аласдер Рос на отворањето на Самитот за Западен Балкан 2022 во Приштина, Косово.

Рос нагласи дека Западен Балкан има клучна улога во промовирањето на мирот, соработката и единството. Според неговите зборови, земјите од регионот ќе мораат да решаваат регионални судири и да ги олеснат реформите кои го намалуваат јазот за неразвиениот дел на Европа.

„Западен Балкан претставува значителен пазар со огромни потенцијални права за можности за инвестирање и во секторите на сообраќајот, енергетиката, туризмот и други“, нагласи Рос.

Косовскиот премиер Албин Курти на отворањето на Самитот, во организација на „Економист“, говорејќи за достигнувањата на владата на Косово, ја наведе борбата против криминалот и корупцијата и истакна дека Косово ја подобри својата позиција за 17 места во индексот на корупција што го објавува „Транспаренси Интернешнал“.

Курти нагласи дека владеењето на правото е еден од најважните демократски елементи.

„Нашиот напредок во демократизацијата е еднаков на нашиот економски напредок. Минатата година завршивме со зголемување на бруто-домашниот производ од 10,7 отсто и со растот од 83,6 отсто извоз на прехранбените производи, пијалаци, технолошки сектор, кожа, текстил и преработка на дрво и метал. Странските директни инвестиции се зголемени за 47,6 отсто, а даночните приходи за 34 отсто, без промена на фискалната политика. Отворивме повеќе од 25 илјади нови работни места и овогодишниот буџет е најголем во историјата на нашата земја“, рече тој.

Курти говореше и за случувањата околу руската агресија на Украина, истакнувајќи дека Србија и понатаму одби да воведе санкции на Русија. Тој оцени дека доколку Русија била демократска држава, немало да ја нападне Украина, како што ниту Србија, да е вистинска демократија не би претставувала голема закана на мирот во нашиот регион.

Поранешниот претседател на Европскиот парламент Мартин Шулц во својот говор рече дека во овие моменти, кога геополитичката ситуација во светот се сменила по војната во Украина, ЕУ е поделена.

Шулц го критикуваше неучеството на Србија во усогласувањето на надворешната политика на ЕУ во однос на санкциите на Русија, оценувајќи дека „не можете да барате членство во ЕУ и да ги кршите принципите на ЕУ како што тоа го прави Белград“.

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Косово, Џефри Ховениер изјави дека приоритети на државата која претставува мир, безбедност и просперитет на Западен Балкан.

Тој на Самитот на Западен Балкан рече дека овие елементи треба да бидат примарни и за државите на ЕУ и дека сите треба да работат на тоа овој регион да оди напред и на неговата поголема економска интеграција. Ховениер повика на завршување на процесот на интеграција на земјите од регионот во НАТО. Поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, кој се вклучи преку видео линк, рече дека државите на Западен Балкан имаат за цел да бидат вклучени во ЕУ и да сонуваат за зголемување на просперитетот и мирниот соживот.

Папандреу во врска со ситуацијата во која се најде Европа откако Русија ја нападна Украина, оцени дека е очигледно оти Европа сега гледа дека процесот на пристапување е повеќе важен и дека ова треба да се искористи за создавање замав. Тој, помеѓу останатото, ги повика државите на Западен Балкан повеќе меѓусебно да соработуваат поради побрза интеграција кон ЕУ, како и нивен развој.

На овој Самит учествуваат високи функционери на ЕУ и САД, шефови на државите од регионот, меѓународни институции, деловни и финансиски лидери, академици и други.

AA
Популарни