Во Собранието одбележан 11 јули: Ден на сеќавање геноцидот во Сребреница / Photo: Фото: Собрание на РСМ

Во Собранието на Република Северна Македонија и годинава се одбележа Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, откако во мај годинава Генералното Собрание на Обединетите нации ја донесе Резолуцијата со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници.

Присутните пратеници, претставници на бошњачката заедница и на Здружението Диванхана и други гости, со едноминутно молчење, им оддадоа почит на жртвите во геноцидот, по што претседателот на Собранието Африм Гаши, во воведното обраќање, нагласи дека овој грозоморен настан секојдневно нѐ потсетува на кревкоста, но и на непроценливата вредност на мирот, на владеењето на правото, на соживотот, на демократијата и на почитувањето на човековите права.

Особено, како што рече собранискиот спикер Гаши, наосновното човеково право на живот, што злосторнички беше прекршено летото 1995 година, кога за само неколку дена згаснаа илјадници животи и илјадници семејства беа завиени во црно.

Затоа, рече претседателот Гаши, не треба да бегаме од тоа овој трагичен чин на масовно крвопролевање да го наречеме со вистинското име – геноцид.

„А геноцидот не е настан што се случува спонтано и што настанува сам по себе. Тој има автор, тоа е планирана и организирана акција, со намера на истребување и уништување на другиот, во овој случај на Бошњаците од Босна и Херцеговина.“

„Затоа и Северна Македонија, заедно со повеќето земји во светската организација, неодамна застана зад Резолуцијата на Генералното собрание на Обединетите нации со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници и со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“, рече Гаши и додаде:

„Ние треба да испратиме порака до нашите деца, до идните генерации, дека треба да ги почитуваат различностите и да се спротистават на омразата, на предрасудите и на стереотипите. Затоа што геноцид како во Сребреница не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори.“

Професорот Џемил Бектовиќ истакна дека Северна Македонија, со поддршката на Резолуцијата на ГС на ОН, како и со чинот на одбележување на Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во Собранието уште еднаш покажува дека е на страната на правото и правдата и на страната на жртвите.

Зборувајќи за симболиката на геноцидот на територијата на Босна и Херцеговина летото 1995 година, Бектовиќ рече дека Сребреница е симбол на страдање, на болка, но и на преживување. Сребреница, рече тој, е симбол на бошњачките мајки кои останаа без своите чеда.

Активистката за човекови права Мерсиха Смаиловиќ рече дека Сребреница е паметник на човечката суровост и на несогледливите последици на омразата. Сребреница, рече таа, повикува на будност и на акција за спречувањетакви поглавја во иднина.

„Нашата држава не само што гласаше за Резолуцијата на ОН, туку е и коспонзор, така што презема обврски што треба да ги исполни во насока на негување на споменот на Сребреница, како и во пресрет на 30-годишнината од геноцидот следната година“, рече Смаиловиќ.

„Вчера Сребреница, денес Газа“

Во излагањето од собраниската говорница, Смаиловиќ нагласи дека додека сега се зборува за геноцидот во Сребреница, уште една трагедија се развива во палестинска Газа, опишувајќи ја како „страшна агресија со сите симболи на геноцид.“

„Денеска ние го сведочиме најдокументираниот геноцид што го памети современиот човек. Тоа е геноцидот во Газа, за којшто сите ние треба да ги искористиме механизмите кои ги имаме да повикаме на примирје и да повикаме на прекин на нападите. Да се спаси еден човечки живот е највисокото достигнување коешто секој од нас може и мора да го направи, а за тоа се потребни храброст и свест. Мајките на Сербреница оставија само еден аманет кој е преточен во зборовите: Нека солзата на мајките биде молитва, никому да не му се повтори Сребреница“, потенцираше Смаиловиќ.

Професорот Сеад Џигал нагласи дека, за жал, и 29 години подоцна, Сребреница се уште е предмет на жолчни расправи и недоразбирања и тема за политички борби и спротиставувања. Се надевам, рече тој, дека на 30-годишнината, со поголема самодоверба. Ќе може да кажеме дека сме овозможиле полека да почнат да заздравуваат отворените рани од минатото.

Долгогодишниот новинар, поранешен пратеник и претседател на Бошњачката народна партија Сафет Бишевац, во своето излагање рече дека Резолуцијата на ОН е само мал надомест за жртвите. Најдобриот одговор на оние кои сè уште го негираат злосторството во Сребреница, рече тој, е меморија и вистина.

По повод 11 јули - Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во Скопје вчера е одржан традиционалниот Марш на мирот во организација на Бошњачкиот национален совет.

Во рамките на настанот беа изложени и слики од уметниците кои учествува на Меѓународните ликовни средби во Скопје кои се одржаа од 6 до 11 јули по повод одбележување на геноцидот во Сребреница. На Меѓународните ликовни средби учествуваа 17 уметници од земјава, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Туркије и САД.

Геноцид во Сребреница

Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница, Босна и Херцеговина.

Во геноцидот беа убиени 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.

На 11 јули годинава на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари погребани беа посмртните останки на уште 14 жртви на геноцидот.

Годинава, по колективниот погреб во Поточари, поточно на 15 јули ќе започне процесот на повторна ексхумација и годинава повторно ќе бидат ексхумирани посмртните останки на 78 жртви. На нив ќе бидат додадени посмртните останки кои се дополнително пронајдени и идентификувани.

Реексхумацијата ќе трае до 22 јули.

Досега во Меморијалниот центар Сребреница - Поточари се погребани 6.751 жртва на геноцидот, а на локалните гробишта со одлука на преживеаните членови на семејството се погребани 250 жртви.

Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ, а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.

TRT Balkan
Популарни