Во Тирана денеска се одржува Самитот на Берлинскиот процес, на кој учествуваат лидерите на Европската унија, земјите членки на ЕУ и премиерите на земјите од Западен Балкан.
Ова е првпат Самитот на Берлинскиот процес да се одржува надвор од границите на Европската унија.
Албанскиот премиер Еди Рама ги пречека лидерите и другите функционери кои учествуваат на Самитот на булеварот „Дешморет е Комбит“ во Тирана, а работата ќе продолжи на две сесии.
Фокусот на Самитот е ставен на повеќе прашања поврзани со интеграцијата на регионот во единствениот пазар, процесот на европска интеграција, регионалната соработка, поддршката за зелената и дигиталната транзиција на Западен Балкан и други прашања.
На крајот на Самитот прес-конференција ќе одржат албанскиот премиер Еди Рама, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Берлинскиот процес е иницијатива насочена кон зголемување на регионалната соработка на Западен Балкан и давање помош за интеграција на земјите од регионот во Европската Унија.
Берлинскиот процес се одржува со поддршка на Европската комисија, меѓународните финансиски институции и земјите-членки вклучени во процесот, заедно со земјите од Западен Балкан.