Пандемијата лансираше раст на поштенските услуги во регионот / Photo: ТРТ Балкан

Поштите како јавни препријатија во земјите од регионот прават напори да ги модернизираат своите услуги и да се прилагодат на развојот на технологијата и во овој сектор.

По повод 9 Октомври - Светскиот ден на поштите, ТРТ Балкан ви ги пренесува податоците за состојбата со поштенските услуги во земјите во регионот.

Северна Македонија: Континуитет во раст на обемот на пакетите

На пазарот на поштенски услуги во Република Северна Македонија во 2022 година забележан е континуитет во растот на обемот на пакетите. Обемот на пакети е 5.766.070, кои сочинуваат 16% од вкупниот обем на поштенски пазар, најмногу до сега, објави Агенцијата за пошти, независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги.

„Сѐ поголемата побарувачка за онлајн услугите и развојот на е-трговија се рефлектира кај поштенската услуга - пакети, која континуирано има раст кај давателите напоштенски услуги на слободниот пазар. Воедно, развојот на платформите кои нудат услуги на пазарот во форма на онлајн нарачки го зголемува учеството на давателите на поштенски услуги на пазарот, особено во делот на пакетите“, соопштија од Агенцијата за пошти. Во иднина се очекува и натамошен раст на побарувачката на овие поштенски услуги.

Пошта на Србија бележи раст на приходите

Поштата на Србија бележи раст на деловните приходи, зголемување на обемот и постојан раст на обезбедените услуги.

„Ја покажавме нашата корпоративна и општествена одговорност преку економска ефикасност, добро управување, инвестиции во развојни проекти и рационализација на работењето. Крајната цел е Поштата на Србија да стане најуспешната национална компанија и лидер во регионот“, велат од оваа компанија.

Брзата пошта исклучително конкурентна во БиХ

Јавното босанско-херцеговско претпријатие БХ Пошта е исклучително конкуретно на пазарот, велат од ова претпријатие, истакнувајќи ја особено конкурентноста со својата услуга на брзата пошта БХ ПостЕкспрес. „Оваа услуга бележи константен раст и таквиот успех е резултат на квалитетна услуга, најшироката инфраструктура за пренос на пратки во Босна и Херцеговина, и професионален однос на вработените во БХ Пошта. Како резултат на уредениот систем, секојдневно се бележи зголемување на бројот на корисници на оваа услуга, физички и правни лица, кои ја препознаа брзината, безбедноста и едноставноста во нарачување на брзата пошта.

Зголемување на приходите и поштенските услуги во Црна Гора

Приходите од давањето поштенски услуги лани се зголемени за 6,2 отсто на 18,82 милиони евра, соопшти Агенцијата за електронски комуникации и поштенски услуги (ЕКИП).

Оттаму соопштија дека поштенските оператори дале 36,14 милиони поштенски услуги минатата година, што е за 2,3 отсто повеќе од 2021 година.

Раст на поштенските услуги во Хрватска

Силен раст е остварен на хрватскиот пазар на поштенски услуги во вториот квартал од годинава, особено на пакет-услугите, кои на тој пазар донеле рекорден приход од 74,5 милиони евра или 7,4 отсто поголем во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Хрватската регулаторна агенција за мрежни активности (ХАКОМ).

Таквиот раст на приходите на поштенскиот пазар од ХАКОМ го поврзуваат токму со пакетите, кои во второто тримесечје оваа година доставени се 9 отсто повеќе отколку во истиот период минатата година. Раст е остварен на поштенскиот пазар и со вкупниот број на поштенски пратки (писма, пакети и канцелариски материјал), на 65,3 милиони или околу 100 илјади повеќе од лани.

Во вкупните услуги, а според видот на пратките, најголем удел имаат писмата, од 78,5 %.

Раст на поштенските оператори во Албанија

Поштенските услуги во Албанија бележат раст во изминатите години. Поштенските услуги во оваа земја во текот на пандемската 2020 година бележат зголемување за 18 посто, односно за 22.5 милиони евра за разлика од претходната година, покажува извештајот на ОЕПК. Според податоците на ОЕПК, од 26 оператори кои биле регистрирани во 2020 година, во првите три месеци на 2021 оваа бројка е искачена на 36 оператори.

Пошта на Косово се приспособува на потребите на пазарот

Во периодот на пандемијата од Ковид-19, Поштата на Косово направи напори да го унапреди своето работење. Во изминатиот период Поштата на Косово потпиша договор за нова услуга со клиентите „Онлајн испорака“, приспособувајќи се на потребите на пазарот, развојот на технологијата и потребата за обезбедување нови услуги.

Зошто се одбележува Светскиот ден на поштите?

Светскиот ден на поштите се одбележува секоја година на 9 октомври. Тоа е годишнина од основањето на Светскиот поштенски сојуз (Universal Postal Union -UPU) во 1874 година во швајцарскиот град Берн.

Целта на Светскиот ден на поштите е да ја подигне јавната свест за улогата на поштенскиот сектор во секојдневниот живот на луѓето и бизнисите и неговиот придонес за општествениот и економски развој на земјите.

Поради тоа, земјите членки на Светскиот поштенски сојуз можат да организираат сопствени национални активности за одбележување на овој настан, вклучувајќи сè, од воведување или промоција на нови поштенски производи и услуги до организација на отворени денови во поштенските единици, поштенски центри и поштенски музеи.

За земјите кои учествуваат во Меѓународниот натпревар за пишување писмо на Светскиот поштенски сојуз, на националните победници најчесто им се врачуваат наградите на 9 октомври.

Темата за 2023 година е: „Заедно за Доверба: Соработка за безбедна и поврзана иднина“.

TRT Balkan
Популарни