Војната во Украина и сценаријата што потоа ќе биде една од централните теми на второто издание на Преспа форумот за дијалог (ПФД) што ќе се одржи од 16 до 18 јуни во Охрид, Северна Македонија. Се очекува присуство на значајни личности од политиката и дипломатијата од регионот и пошироко.
Конференцијата е насловена „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата безбедносна архитектура“. За тоа што ќе биде во фокусот на второто издание на ПФД откри министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи на неодамнешната прес-конференција во Скопје.
„Во фокусот на дискусиите ќе доминираат актуелните теми, проектирани низ нашата регионална призма, градењето на отпорна безбедносна средина, зацврстување на стратешките партнерства, европската и евроатлантската перспектива на регионот, меѓусебната соработка, климатските промени и влијанија и слично“, изјави министерот Османи.
Оваа година покровител на Форумот ќе биде претседателот Стево Пендаровски, кој ќе биде и домаќин на централниот панел или отворањето на Преспа форумот за дијалог на 16 јуни. Темата на централната сесија ќе биде „Што по војната во Украина?“
Кој сѐ ќе учествува на форумот?
Покрај Пендаровски, на отворањето ќе се обратат и бројни претседатели од регионот. Оние кои досега се потврдени се претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел; претседателот на Словенија, Борут Пахор; претседателката на Косово, Вјоса Османи; претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, а се очекува потврда за присуство и од други претседатели од регионот.
На конференцијата, исто така, ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу; на Полска, Збигниев Рау; на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман; на Словачка, Иван Корчок; на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ; на Ватикан, Пол Ричард Галагер и други.
Министерот Османи истакна дека од регионален аспект особено е важно што на Форумот ќе присуствуваат и сите специјални претставници за Западен Балкан - од Соединетите Американски Држави, Габриел Ескобар, од Европската Унија, Мирослав Лајчак, од Обединетото Кралство, Стјуард Пич и од Германија, Мануел Сараци.
„Она што е особено важно за нас е дека сите четворица во рамки на Преспа форумот за дијалог ќе учествуваат на Б6 состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан. Да потсетам, Б6 е наша автентична иницијатива за неформална комуникација помеѓу министрите за надворешни работи од регионот што ја лансирав минатата година, токму на Преспа форумот за дијалог“, истакна Османи.
Нов бренд на Северна Македонија
Преспа форумот за Дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.
ПФД има за цел да инспирира и промовира добрососедски односи и соработка.
Платформата е замислена како место за размена на ставови и идеи за можни решенија на отворени билатерални прашања.
Првото издание на ПФД се одржа минатата година во Охрид на 1 и 2 јули, а министерот Османи пренесувајќи ги заклучоците и постигнатите цели тогаш оцени дека „ПФД е новиот бренд на Северна Македонија“.
„Северна Македонија добива место на мапата на меѓународната заедница како сериозен партнер и точка од која произлегуваат позитивни иницијативи; дел од светот каде што секој каде секој треба да се чувствува добредојден, и да биде дел од приказната што ние ја понудивме и заеднички ја споделуваме.“, истакна тогаш Османи.