Вучиќ на отворањето на делницата на „Автопатот на мирот“ / Photo: AA

Во Мерошина кај Ниш отворени се првите 5,5 километри од „Автопатот на мирот“ кој ќе ги поврзува Ниш и Мердаре во должина од 77 километри, кој ќе биде дел од патната мрежа што преку Приштина и Тирана води кон Драч.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре на свеченото отворање зборуваа за големото значење на овој капитален проект.

Како што изјави Жиофре, патот ќе го поврзе југот на Србија со мрежата на Западен Балкан и ќе овозможи слободен проток на луѓе, стоки и капитал од Ниш преку Приштина до Тирана и Драч.

„Ова е нов пат кој треба да биде пат на мир, стабилност и помирување и затоа го нарековме „Автопат на мирот“. Делницата што свечено ја отвораме денеска е првиот сегмент од многу поголем проект што ќе ги поврзе Ниш и другите градови од овој дел на Србија со Јадранот сè до Драч. Веруваме дека автопатот Ниш - Мердаре ќе биде столбот на регионалната патна мрежа“, нагласи Жиофре.

Вучиќ на отворањето на делницата на „Автопатот на мирот“: Ова ќе биде најфрекфрентен пат за 20 до 25 години AA

Тој посочи дека изградбата на автопатот е дел од посеопфатниот европски инвестициски план за Западен Балкан за големи инфраструктурни проекти кои, според неговата најава, до 2027 година ќе мобилизираат до триесет милијарди евра.

„Одлучни сме да продолжиме со добрата соработка со Србија и претставниците на локалните власти за дополнително подобрување на целиот транспортен систем, особено со соседите. Врските што Србија ги има со Европската Унија се веќе силни, а во иднина ќе станат уште посилни“, изјави шефот на делегацијата на ЕУ во Србија.

Тој додаде дека ЕУ во Србија работи и на изградба на брзата пруга Белград-Ниш и електрификација на пругата која ги поврзува Ниш и Бугарија.

Вучиќ упати благодарност до ЕУ на „големата поддршка и помош“.

„За ова патување ни дадоа четириесет милиони евра подарок. Тоа се вика грант, претпоставувам. Четириесет милиони евра добивме на подарок од даночните обврзници на Европската унија. Благодарност за тоа. Тоа се многу пари за нашата земја, тоа се 3,5 или 4 километри целосен автопат за нас во оваа област и бескрајно им благодариме за тоа. Таа благодарност особено им ја должам на Европската инвестициска банка и на Европската банка за обнова и развој, кои беа добри финансиери и се согласија да ни помогнат да го изградиме овој капитален објект под многу, многу поволни услови“, рече Вучиќ.

Потоа објасни зошто проектот се нарекува капитален.

„Горд сум што овој пат ќе не поврзат со Србите и со Албанците на Косово и со Албанците во Приштина и со Србите во Грачаница и со Албанците во Тирана и Драч. И само да им објасниме на Србите и на сите што не сакаат да ја гледаат иднината и зошто треба да градиме. И затоа се надевам, господине Жиофре, дека ќе ни обезбедите уште 60-70 милиони евра подарок, бидејќи ова ќе биде еден од најфреквентните автопати за само 20 до 25 години“, рече Вучиќ.

Тој истакна и дека идниот автопат ќе биде од големо значење за напредокот на Топличкиот округ. „Поврзувањето со луѓето од другите националности, со луѓето со кои не секогаш бевме пријатели, е од голема важност. Зошто нашата вишна не би ја продавале било каде во светот и најлесно дошле до Драч, до пристаниште, и би можеле да извезуваме каде сакаме? Зошто многу други работи од нашите фабрики не би продавале на таков начин? Нам, трговијата со Албанија ни порасна 37-38 отсто само во година и пол дена. Мораме да бидеме оние кои не се плашиме од соработката, да бидеме промотори на соработката, да ги привлекуваме луѓето, да заработуваме повеќе и да живееме подобро, да водиме политика на спојување и поврзување, а не судири и разделување“, наведе Вучиќ.

Од претставникот на ЕУ побара помош во донесување инвеститори во Нишавски и Топличкиот округ, вети дека ќе продолжи вложување во пет окрузи. Исто така, истакна дека стапката на растот е од пресудно значење за Србија, како и дека нејзиниот јавен долг е под контрола.

Според соопштението на Коридорот на Србија, за првите четири делници од автопатот од Ниш до Белољин се обезбедени 225,6 милиони евра. Инвестицискиот грант од ЕУ изнесува 40,6 милиони евра, 85 милиони евра е заем од Европската банка за обнова и развој, а 100 милиони евра е заем од Европската инвестициска банка.

Патот од Ниш до Мердаре со вкупна должина од 77 километри ќе има 88 мостови, седум раскрсници и 35 тунели.

TRT Balkan / агенции
Популарни