Полицијата засега нема официјални информации за убиството на девојчето ниту за осомничените / Photo: TANJUG/MUP SRBIJA

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека е убиена двегодишната Данка Илиќ, која исчезна на 26 март кај Бор и дека се уапсени две лица кои признале дека го сториле ова дело.

„Имаме лоши вести за детето од Бор, убиена е Данка Илиќ. Полицијата уапси две лица кои ја убиле Данка, а колку што разбрав и двајцата го признале делото...Со какви монструми си имаме работа“, изјави Вучиќ на вонредна седница на Владата на Србија.

Тој додаде дека полицијата ги носи на местото каде што е телото на детето.

„Благодарам на полицијата за големиот напор и посветеност“, додаде тој.

Како што беше соопштено, претходно денеска при вештачење биле пронајдени траги од крв во автомобил и врз основа на ова две лица се приведени.

Претходно Министерството за внатрешни работи на Србија информираше дека добиле официјални информации од полицијата во Виена дека Данка Илиќ, не е девојчето од видеото објавено на социјалните мрежи од Србин што го снимил во центарот на Виена.

Полицијата во Виена по проверката на видеото ги пронајде двете жени и девочјето од снимката и утврдила дека не станува збор за Данка.

Данка Илиќ исчезна во вторникот во 13 часот и 45 минути во населбата Бањско Поље во Бор, додека била со својата мајка и една година помалото братче.

Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија за прв пат го активираа системот „Најди ме“ за итно јавно известување во врска со случајот со исчезнувањето на двегодишното девојче.

TRT Balkan / агенции
Популарни