Донесов документација за натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, која ќе биде достапна утре на веб-страницата на Владата, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во своето вечерно обраќање до јавноста.
Вучиќ при своето обраќање ја покажа документацијата во неколку папки за натстрешницата на Железничката станицата во Нови Сад, која се урна на 1. ноември, при што загинаа 15 лица.
Вучиќ најави дека во следните 24 часа ќе биде објавена на веб-страницата на Владата, и прецизира дека станува збор за целокупната документација со која располага обвинителството.
Вучиќ рече дека станува збор за осум големи фасцикли и вкупно 195 документи.
Посочи дека студентите секогаш можат да ја добијат документацијата и дека ќе им ја предаде лично, само да ги изберат своите претставници и дека документацијата за да не падне во погрешни раце, побарал од премиерот Милош Вучевиќ и идниот министер за градежништво Александар Дамњановиќ Софронијевиќ да ја објават на нивните веб-страници.
„Спремен сум да го исполнам тоа, би рекол најважното од сите барања, што е важно поради вистината, поради фактите, поради се што претстои, поради се што е важно заради одговорноста. Заради пронаоѓање на оние кои треба да сносат одговорност за 15 трагично загинати и тоа е мојата работа како претседател на Републиката, знаев дека никој ништо не крие“.
Тој додаде дека знаел дека кога станува збор за криење на документација, тоа е лага во рамките на хибридната војна која била користена, злоупотребена на највалкан начин и ништо повеќе од тоа.
„Значи, целата документација што ја добивме, се што располага обвинителството, утре ќе биде достапна на целата јавност. Жал ми е што не ги побараа тие договори од пред 60 години, се ќе видеа во нив, но не“, рече Вучиќ.
Како што рече, се чудел зошто обвинителството молчело.
„Тогаш сфатив дека намерно сакаат да ја вжештуваат ваквата атмосфера, дека има нешто тајно. Јас самиот побарав од Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура целата документација како претседател на Републиката и од јавното претпријатие и од сите места што ми беа достапни. Решив и таа документација да ја донесам и да ја направам достапна на јавноста и да им ја доделам на студентите“, објасни Вучиќ, кој за време на конференцијата покажа сврзувачки елементи со документацијата за која зборуваше.
„Донесовме одлука да ги зголемиме владините плаќања за 20 проценти за материјалните трошоци на универзитетите и факултетите во Србија. Владата веднаш ќе ја донесе таа одлука“, рече Вучиќ во однос на студентските барања.
Вучиќ рече дека ќе креира програма за станбен кредит за млади. Идејата е, како и во САД, младите да го добијат својот прв стан, децата да не останат со родителите до 40-годишна возраст.
„Најголем проблем е нивото на учество и каматните стапки“, рече Вучиќ.
Тој вели дека просечната цена за квадрат е 1.550 евра, а стан од 48 квадрати за млад човек е 75.000 евра.
„Со нашата програма учеството наместо 15.000 евра ќе изнесува 2.250 евра“, рече Вучиќ.
Ратата во текот на првата година е 121 евро за корисникот, а државата субвенционира 91 евро, рече Вучиќ.
„Од втора до шеста година, ратата за млад човек кој учествува во купување на стан е до 200 евра. Повторно учествуваме со 91 евро. Ратата од седма година до 40-та е 333 евра за корисникот. Придружните трошоци ќе ги намалиме на минимум за да сигурно бидат помали од 700 евра“, рече Вучиќ.
Вучиќ на почетокот на своето обраќање се осврна на протестот пред Претседателството, посочувајќи дека не се работи за блокирање на факултетот, туку за политика.
„Успеав да ги натерам лидерите на политичките партии да ги покажат своите вистински бои, како и оние кои им служат во разни движења и невладини организации. Доволно ми беше да не закажам прес-конференција во Палата Србија, туку да ја закажам овде. И веднаш истрчаа да се соберат и да дојдат да исвиркуваат. За да покажам колку бев во право цело ова време, зборувајќи за чисто политички карактер на протестот, некои беа попаметни и останаа на факултетите“, рече Вучиќ.
Тој вели дека излегол на терасата и ги поздравил студентите.