Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија е посветена на зачувување на мирот и стабилноста, ги знае своите обврски и ги исполнува согласно договорите, но јасно е што не може, бидејќи тоа е спротивно на Уставот на Републиката.
„Ќе повторам се што кажав во Брисел, по последната средба со европските лидери Мишел, Борел, Лајчак и со лидерите на трите најголеми земји Шолц, Макрон и Мелони“ рече Вучиќ на заедничката прес-конференција со Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Вучиќ истакна дека Србија има уште многу да направи на својот европски пат, но дека двете најголеми пречки во моментов се прашањето за Косово и Метохија и невоведувањето санкции против Русија.
„За Србија е јасно што не може да направи против Уставот на Република Србија и за тоа не еднаш туку многупати ги информиравме сите наши партнери, а тоа е ставот на Србија“, рече Вучиќ.
Говорејќи за проширувањето на ЕУ рече дека и европските заедници и земјите од Западен Балкан треба да си ја завршат својата „домашна задача“, а оцени дека фон дер Лајен бил многу попустлива.
„Јас сум ѝ благодарен за тој мек пристап, и не го кријам тоа пред нашиот народ и мислам дека тоа им е познато и на нив и на сите други, еден факт е нашата неусогласеност целосно со европската надворешна политика, т.е. -воведувањето санкции против Русија, а друго прашање е ситуацијата и нашиот однос со Приштина“, рече Вучиќ
Тој додаде дека на претседателката на Европската комисија ѝ кажал што мисли и го повторил ставот на Србија.
„Тој став на Србија останува и знаеме што прифати Србија и за што разговаравме, договаравме и донесовме заклучоци во Народното собрание.
Според тоа, ќе се однесуваме одговорно и сериозно во исполнувањето на сопствените обврски, очекувајќи некои други да ги исполнат своите обврски кои требало да ги исполнат пред повеќе од 11 години“, заклучи Вучиќ.