Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска во Белград се сретна со претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп, со кого разговараше за динамиката на билатералните односи и економската соработка, како и важноста на парламентарната соработка.
„Соговорниците се согласија дека сеопфатната соработка и интензивниот политички дијалог покажуваат дека односите меѓу Србија и Туркије се на највисоко ниво во модерната историја, што е резултат на меѓусебното почитување и доверба, но и исклучителниот личен однос на двајцата претседатели. “, соопштија од кабинетот на претседателот на Србија.
Вучиќ рече дека Србија останува искрено посветена на регионалната соработка и додаде дека во таа смисла ја смета Туркије за важен партнер во зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот.
Зборувајќи за економската соработка, Вучиќ рече дека Србија високо ги цени турските инвестиции, особено оние кои помогнаа за напредок на помалку развиените делови од земјата.
Забележан е растот на трговската размена за што беа поставени амбициозни цели и во таа смисла беше нагласена важноста од интензивирање на работата на Мешовитиот комитет за економска соработка.
Вучиќ и Шентоп се согласија дека уште поинтензивна размена на посети ќе придонесе за побрзо реализирање на постоечките, но и договори за идни проекти.