Европските аспирации на Србија како и дијалогот Приштина-Белград беа во фокусот на разговорите за време на одвоените средби што ги имаше српскиот претседател Александар Вучиќ со специјалниот пратеник на Велика Британија Стјуарт Пич и и со американскиот конгресмен Мајкл Тарнер. Вучиќ и Пич во Белград дискутираа за актуелните светски и регионални прашања, дијалогот меѓу Белград и Приштина и односите меѓу двете земји.
Пич му се заблагодарил на Вучиќ за неговата посветеност на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ги поддржал европските аспирации на Србија, нагласувајќи дека е неопходно дополнително да се унапредуваат човековите права и да се работи на реформите во различни области, се вели во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател.
Вучиќ истакна дека Србија инсистира на зачувување на мирот, целосната стабилност и безбедност, особено за Србите на Косово и дека прави големи напори да постигне одржлив дијалог со Приштина и компромис, без наметнати решенија.
Зборувајќи за актуелната енергетска криза, Пич рече дека Велика Британија е подготвена да соработува со Србија на полето на енергетската безбедност и нејзиното подобрување.
Вучиќ рече дека оваа година се навршуваат 185 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и дека Србија е посветена на интензивирање на српско-британската соработка, особено на економската соработка, која има многу неискористени можности.
Средба Вучиќ - Тарнер: Србија се залага за најзначајна соработка со САД
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Белград разговараше и со американскиот конгресмен Мајкл Тарнер за Косово, но и за Босна и Херцеговина.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот, Вучиќ рече дека Србија вложува огромни напори во дијалогот со Приштина и дека тоа е единствениот правилен начин да се постигне одржлив договор и да се решат кризните ситуации „предизвикани од едностраните потези на владата таму“.
Тој нагласи дека Србија го почитува Дејтонскиот договор и интегритетот на Босна и Херцеговина, вклучително и интегритетот на Република Српска во рамките на БиХ.
Конгресменот рече дека го цени лидерството на Вучиќ и неговата улога во одржувањето на мирот и стабилноста во регионот, како и дека е импресиониран од економските резултати на Србија, се вели во соопштението.
Тарнер рече дека секогаш кога доаѓа во Србија е видлив поблизок пристап кон Европската унија и ја пофали иницијативата Отворен Балкан.
Вучиќ им се заблагодари на САД за континуираната поддршка на патот на Србија кон полноправно членство во ЕУ.
Тој, исто така, истакна дека Србија е посветена на што е можно позначајна соработка со САД и на подобрување на односите меѓу двете земји и истакна дека размената на стоки меѓу двете земји е на рекордно ниво и ќе надмине 1,2 милијарди долари.