/ Photo: Tanjug

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва во Белград изјави дека планот на Европската унија (ЕУ) за Косово, кој му го претставија западните претставници, всушност стана нова преговарачка рамка за Србија во процесот на евроинтеграциите.

Денеска се одржа седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Од Владата соопштија дека Вучиќ ги информирал членовите на Владата за состојбите, предизвиците и тешкотиите со кои се соочува Србија кога е во прашање Косово.

Вучиќ потоа и се обрати на јавноста од зградата на Генералниот секретаријат на претседателот на Република Србија и зборуваше за средбата што во петокот ја имаше во Белград со претставници на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија. Тој нагласи дека на средбата му било јасно кажано дека Србија нема да може да напредува доколку не соработува за прашањето за Косово.

Вучиќ рече дека му било кажано дека во случај на отфрлање на планот на ЕУ за Косово, последиците за Србија ќе бидат прекин на евроинтегративниот процес, запирање и повлекување на западните инвестиции и сеопфатни политички и економски мерки кои ќе предизвикаат големи штета за Србија.

Зборувајќи за средбата во петокот во Белград со претставниците на ЕУ, САД, Франција, Германија и Италија, Вучиќ рече дека „јасно му е кажано“ дека Србија нема да може да напредува доколку не соработува за прашањето за Косово.

Тој истакна дека тоа му е повторено трипати во текот на разговорот и додаде дека секојпат многу силно реагирал.

„Иако можев емотивно да реагирам, да кажам држете се настрана, оставете ги или исфрлете ги, мојата работа е да се грижам за државата“, рече Вучиќ.

Вучиќ тврди дека промената на геополитичките околности придонела за најостриот пристап на западните земји кон Србија и кон прашањето за Косово.

„Сите земји-членки на ЕУ го прифатија тој план, вклучително и пет земји кои не го признаа Косово, бидејќи им објаснија дека нема експлицитно признавање на независноста на Косово, иако го прикриваа фактот дека постои имплицитна обврска дека Србија не се противи на косовската влез во ОН... Сите го прифатија тоа, а планот всушност, не и формално, стана нова преговарачка рамка за Србија“, рече Вучиќ.

Повторувајќи дека планот е условен со продолжување на патот кон ЕУ и инвестициите, Вучиќ рече дека Србија мора да бара компромис.

„Не можеме да го спречиме влезот на Косово во НАТО и во Советот на Европа, Заедницата на српските општини (ЗСО) мора да се формира според 22 принципи“, рече Вучиќ, нагласувајќи дека преговорите со претставниците на Западот биле исклучително тешки.

Вучиќ рече и дека конфликтот во Украина е голем проблем за Србија и додаде дека агендата на Западот е претставена со поразот на Русија и дека се што стои на патот на таа агенда ќе се исчисти.

Тој нагласи дека повлекувањето на инвестициите е најтешка санкција и потсети како Западот за краток период ги повлече сите компании и инвестиции од Русија.

„Ќе разговараме со Албанците и ЕУ, конечна одлука ќе донесе целокупното општество, пред нас е тежок период“, порача Вучиќ.

Вучиќ исто така предупреди дека би било прашање на недели кога на Србија би ѝ бил укинат безвизниот режим со ЕУ доколку во петокот во Белград рекол дека не сака да разговара за француско-германскиот план за Косово, кој сите членки на ЕУ го прифатиле.

„Србија мора да учествува во дијалогот, мора да го продолжи европскиот пат, не затоа што се восхитувам на нивното лицемерие, туку затоа што економски мора да опстанеме и да напредуваме, не смееме да бидеме изолирани“, рече Вучиќ.

Вечерва најави и дека во наредните денови ќе ги информира сите пратенички групи за европскиот предлог за решение на косовското прашање и дека ќе побара поголемо учество на Собранието и на Владата.

Вучиќ рече и дека ништо нема да се случи денеска или утре, а Собранието и народот ќе го кажат своето мислење за тоа, можеби кога Србија ќе се соочи со конечните барања за Косово.

Тој додаде дека секогаш го слуша и мислењето на Српската православна црква и другите верски заедници и дека во секој случај претстои тежок период во кој ќе треба многу работа за да се надмине се.

Претседателот на Србија изјави и дека е војник на својата земја и дека живее за неа и дека е „подготвен да поднесе оставка доколку треба така да купи време за Србија“.

Вучиќ рече и дека во Србија е пронајдено ново големо наоѓалиште на злато, едно од 100 најголеми во светот.

TRT Balkan / агенции
Популарни