Вучиќ потврди присуство на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тирана / Photo: Tanjug

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека ќе отпатува на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана, истакнувајќи дека би била голема штета за земјата доколку не оди.

На прашањето дали оди во Тирана, по воената вежба на полигонот во Никинци, Вучиќ им изјави на новинарите дека одлучил да оди по разговорите со своите соработници Милош Вучевиќ, Ана Брнабиќ и други, како и со пријателите претседатели и премиери на повеќе земји.

„Не е прашање на суета, просто мора да разберете дека десет и пол години секој ден се трудев никогаш да не изразам ништо или што е можно помалку лично, секогаш да се грижам за се и тогаш понекогаш емоциите ме обземаат, кога не знаеш како да реагираш и што да правиш“, објасни Вучиќ.

Тој рече дека кога некој произведува само кризи со месеци и години, а тие се само за новинари и дел од јавноста, треба да се борите со тоа и да видите низ што поминува народот и да се обидете да ја спасите државата и инвестициите.

Но, додава, се што навел како причина кога најавил дека нема да оди во Тирана, е вистинито.

„За мене беше важно дека се што реков е вистина“, подвлече Вучиќ.

Тој нагласи дека ќе има многу добри разговори за граѓаните во Тирана, како што е бесплатниот роаминг меѓу земјите од ЕУ и Западен Балкан.

„Ќе имаме добри разговори за тоа, а имаме и обврска на благодарност. Поради 165 милиони евра кои ќе ги добиеме за енергетика“, додаде тој.

Истакна дека се надева дека ќе има некаква корист од заминувањето во Тирана, а доколку не би отишол би било голема штета за Србија.

„Со незаминување, би покажал дека мојата суета е поголема, но би било голема штета за земјата и во контекст на привлекување на инвестициите“, додаде тој.

Вучиќ рече оти знае дека „20 учесници ќе почнат да говорат, на неадекватен начин за санкциите кон Русија и во врска со Косово’, но нагласи дека „можеби моите соработници се во право кога велат дека би било подобро да се слушне мојот одговор“.

За потсетување, на 1 декември, Вучиќ изјави дека поради „срамниот“ однос на ЕУ кон изборот на Ненад Рашиќ за министер во Владата на Косово „никој од Србија нема да учествува на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана“. Исто така, тогаш Вучиќ изјави и дека „остава можност“ во наредните денови да ја смени одлуката за заминување на тој самит.

TRT Balkan / агенции
Популарни