Тоа што државата е добронамерна, толерантна и трпелива, не значи дека ви дава можност да ги уништите животите на другите луѓе, рече Вучиќ / Photo: AA

Претседателот на Србија Александар Вучиќ вечерва изјави дека наскоро ќе има или нова влада или парламентарни избори, најверојатно во април, но дека сигурно нема да има преодна влада бидејќи не сака земјата да биде уништена.

Вучиќ во своето обраќање до јавноста по вонредната седница на Владата на Србија рече дека привремената влада зависи само од него.

„Не ми паѓа на памет да давам власт на пленуми или опозициски партии. А тоа зависи само од мене. Не од никој друг. Не затоа што сум арогантен и вообразен, туку затоа што не сакам да ја уништам оваа земја. Не сакам да уништите оваа земја. Нема да им дадам можност на најнеодговорните луѓе целосно да ја уништат земјата, исто како што тоа го направија во 2001 година и наваму. Во тој случај ќе имаме избори“, рече Вучиќ.

Како што рече, претставниците на опозицијата велат дека имаат огромна поддршка, но не можат да ги разгледаат ниту најосновните истражувања.

„Тие не сакаат да читаат реални бројки. Толку многу ја сакаат демократијата што кога ќе им спомнете референдуми и избори, како да сте им пикнале со прст во око. Се е можно, само не ги броете гласовите. Само немојте да биде нешто демократски. Ако може на сила. Е не може да биде со сила. Можеби и може, но за тоа некој мора да направи кривично дело претходно барем врз еден ќовек. Така може. Значи за да ме натерате тоа да го прифатам, треба да ме убиете, нема да прифатам на друг начин“, нагласи Вучиќ.

Тој рече и дека има огромна поддршка од народот на Србија за таквиот став, бидејќи народот на Србија сака нормални луѓе на власт, а не политичари на кои им недостига доверба, кои би сакале да ги организираат своите фаланги за да ги бркаат политичките противници.

„Тоа што државата е добронамерна, дека државата е толерантна и трпелива, не значи дека ви дава можност да ги уништите животите на другите луѓе. Во секој случај, нашата главна задача во следниот месец или додека не се распишат нови избори или до формирање на нова влада, е да се одржи целосна стабилност. Јас лично ќе се вклучам во оваа работа. Ќе се борам, колку што е можно, за луѓето да се чувствуваат што помалку дека Владата е во технички мандат и ќе се обидеме да продолжиме да правиме се што правевме“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека сето ова што се случува во Србија ѝ нанело голема штета на земјата, на економијата и на странските инвестиции, а тоа точно го знаеле некои кои, како што рече, тоа го правеле по странска нарачка.

Вучиќ истакна дека од сето ова може да се извлечат три важни пораки, а тоа е дека никој не е над законот, дека политичката одговорност мора да постои и дека инсистираат на дијалог.

„Можете да бидете член на СНС и ќе одговарате ако сторите кривично дело. Јас сум горд на тој факт. Број два, политичката одговорност мора да постои. Таа мора да биде објективна и реална. А политичарите мора да покажат дека се сериозни и дека „ја заслужиле довербата од народот“, рече Вучиќ.

Што се однесува до дијалогот, рече дека инсистираат тоа да биде со сите без разлика дали сакаат да го прифатат.

„Но сакаме луѓето да го слушнат тоа. Синоќа објавивме и покажавме што сме направиле, а сè што слушнавме од Обединетата група беше дека барањата не се исполнети, тие постојано го повторуваа тоа како будали. Тие едноставно никогаш не ви кажаа што е не е исполнето, ако забележавте“,изјави Вучиќ.

Тој додаде дека ова ја покажува разликата меѓу одговорните и оние кои не се и му се заблагодари на премиерот Милош Вучевиќ, кој денеска поднесе оставка.

„Бескрајно сум му благодарен на Милош што чесно, одговорно и сериозно ја водеше владата. Тој ќе влезе во историјата со некои резултати. Му посакувам многу среќа како претседател на Српската напредна странка, многу победи, убеден сум дека ќе ги има многу“, изјави Вучиќ.

Тој истакна дека она што се случи синоќа е резултат и на она за што тој зборува, а тоа е гневот, како што рече, на мнозинството во Србија.


TRT Balkan / агенции
Популарни