Александар Вучиќ, претседател на Србија, Милорад Додик, претседател на Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина, во присуство на патријархот на Српската православна црква Порифириј се согласија да го организираат „Велигденскиот собор на Република Србија и Република Српска“. Во соопштението од кабинетот на Вучиќ се наведува дека настанот ќе се одржи на 5 и 6 мај во Белград и во други делови на Србија.
„Во тој парламент ќе се донесат важни одлуки за опстанокот на српскиот народ во нивните огништа, неговиот економски напредок, зачувувањето на српскиот јазик и кирилицата и заедничкото културно наследство“, се вели во соопштението од Кабинетот на Вучиќ.
Се додава дека „новата Влада на Србија и Владата на Република Српска ќе подготват декларација и евентуално други општи правни акти кои во истиот текст ќе бидат доставени на усвојување од националните собранија“ на Србија и РС. Се наведува дека Вучиќ и Додик го информирале патријархот Порфириj „за тежината на ситуацијата во која се наоѓа целиот српски народ“ и дека побарале благослов од патријархот и поддршка од СПЦ.
Во соопштението од кабинетот на претседателот на Србија се додава дека во наредниот период јавноста ќе биде информирана „за други детали“.
Претходно Вучиќ на својот Инстаграм профил @buducnostsrbijeav објави дека се сретнал со Додик и Порфириј.
„Една од најзначајните средби со Неговата Светост Патријарх Порфириј и претседателот на Република Српска Милорад Додик“, напиша тој на својот Инстаграм профил.