Српскиот претседател Александар Вучиќ не очекува тензиите со Косово да се претворат во војна.
„Не очекувам војна и се надевам дека ќе успееме да ги надминеме сите тешкотии“, изјави денеска Вучиќ на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека во Давос биле споделени многу мислења за ситуацијата во Косово, но дека никој не одговорил на едно прашање.
„Зошто повелбата и резолуциите на ОН се важни и треба да се почитуваат кога се зборува за други земји, но кога станува збор за територијалниот интегритет на Србија, тоа не функционира? Во секој случај, ние ќе продолжиме да даваме се од себе и да инвестираме време и напор за обезбедување стабилност и мир“, додаде Вучиќ.
Вучиќ: Ердоган е вистински пријател на Србија
Српскиот претседател се осврна и на односите меѓу Белград и Анкара, нагласувајќи дека Србија го смета турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за вистински пријател и покрај различниот став за независноста на Косово.
Тој посочи дека Србија има многу добри односи со Туркије, додавајќи дека двете земји ќе продолжат да работат заедно на сите полиња за да ги направат уште подобри.
Вучиќ нагласи дека Белград сака да ја подобри соработката со Анкара на воено-техничко ниво, но дека има одредени пречки во овој поглед, особено во однос на Косово.
„Кога ќе го надминеме тоа, сигурен сум дека имаме многу да направиме заедно на ова поле. Секогаш сме подготвени за разговори за да видиме како можеме да ги надминеме овие тешкотии и каков може да биде неговиот придонес, рече Вучиќ, додавајќи дека за Белград е неприфатливо Туркије истовремено да продава беспилотни летала од Бајрактар на Србија и на Косово.
Тој нагласи дека неговата земја, освен за беспилотни летала Бајрактар, е заинтересирана и за набавка на друга воена опрема од Туркије.