Претседателот на Србија Александар Вучиќ се обрати до нацијата.     Фото: АА

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во обраќањето до нацијата изјави дека сакал да отиде во приватна посета во Јасеновац да положи цвеќе и оти мислел дека за влез во Хрватска му е доволен обичен или дипломатски пасош.

„Се испостави дека сакав во забранет град да одам или Србите во него можеа слободно да доаѓаат само од 1941 до 1945 година. Не ми е јасно поради што хрватската јавност помисли дека мојата посета би предизвикала хаос, како што наведуваат медиумите во Хрватска. Можеби хаос би предизвикала траката на цветот која би била црвено-плаво-бела боја во согласност со страданиот народ во Јасеновац и неговото знаме“, рече Вучиќ.

Додаде дека во два наврати, во септември 2021 и март 2022 година, по службен пат најавил посета на Јасеновац, но дека го замолиле да не доаѓа бидејќи е оценето дека не е вистинско време за тоа.

Третпат Вучиќ му јавил на претседателот на Самостојната демократска српска партија во Хрватска Милорад Пуповац дека доаѓа и му рекол тоа да им го јави на властите во Загреб, доколку смета дека е потребно, што Пуповац и направил, а потоа, рече Вучиќ, почнала медиумска кампања против него во Хрватска.

„Нашиот грев се сведува на тоа што сакав да влезам во земја на ЕУ и да положам цвеќе на местото каде, ние би рекле стотици илјади, а сметам Хрватите, доколку го почитуваат Туѓман, секако би рекле десетици илјади убиени во Јасеновац, во најголем дел Срби, па ми се чини некако нелогично да се обидувате да забраните такво нешто да се случи и сето тоа да го правдате со приказни за провокации“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека неговата посета на Јасеновац, за разлика од она што го тврди хрватската јавност, нема никаква врска со акцијата „Олуја“ и нејзината прослава. „Олуја“ тие потсвесно некако ја поврзаа со Јасеновац, да не влегувам во нивната потсвест, јас никогаш, но тие да, и ми се чини дека тоа повеќе говори за нив отколку за нас“, наведе Вучиќ.

Тој објасни дека во Јасеновац сакал да отиде бидејќи досега ниту еден претседател на Србија не го посетил спомен-обележјето, нагласувајќи дека е „срамота за секој од нас за 81 година, откако е основан еден од најстрашните нацистички логори на смртта во Европа, ниту еден српски претседател да не бил во Јасеновац“.

„Како што немаме право да омаловажуваме и со највисок пиетет говориме за жртвите од другите народи, како Бошњаците, и некои други, така не смееме да дозволиме нашите жртви да бидат фрлени под нозе“, рече Вучиќ.

Вучиќ: Украински авиопревозник е избран поради санкциите

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека за превозот на муниција од Србија за Бангладеш со авион, кој во сабота навечер се урна во Грција, е избрана украинската компанија бидејќи на руските и белоруските превозници им се воведени санкции.

Вучиќ во текот на обраќањето до нацијата рече дека покрај Русите и Белорусите само Украинците имаат големи четиримоторни авиони кои можат да носат огромен товар и оружје. Тој објасни дека поради тоа тие авиони се изнајмуваат и дека со нив се превезува товар до „дозволен краен корисник“.

„За жал, се случи трагична несреќа, немало некаков опасен материјал, тоа беа вежбовни и светлечки мини, да беа боеви, тоа би била чудесна експлозија“, рече Вучиќ.

Додаде дека Владата на Бангладеш потврди дека е купувач на тие производи, наведувајќи дека Србија заработува на извоз на такви производи и дека од тоа директно во Србија живеат 14.000, а индиректно 25.000 луѓе.

TRT Balkan / агенции
Популарни